Македонија го одбележа Светскиот ден на театарот
Со претстави и читање на пораките за сценска уметност вчера во Македонија се одбележа Меѓународниот ден на театарот - 27 Март.
Сите театри во Македонија, според министерката за култура Елизабета Канческа-Милвеска, активно се вклучени во одбележувањето преку разновидна културна програма.
- Не само во Скопје, туку и театарите во Битола, Велес, Штип, Куманово, Струмица, Прилеп... имаат една благородна мисија и активност со читање на светската и македонската порака. Автор на светската порака годинава е Брет Бејли, а македонската ја напиша нашата актерка и режисерка Звезда Ангеловска, изјави вчера во Драмскиот театар Канческа-Милевска.
Покрај бесплатните претстави во Драмскиот тетатар има организирано дружења со актерите, средби со режисерите, изложби и други активности кои за поблиска интерактивна комуникација со помладата публика, како што рече министерката, е се почеста на театaрските претстави.
- Владата, како и досега ќе продолжи со силна поддршка на театарската дејност и зголемување на буџетските средства во делот на програмските содржини, збогатување со млади актери и со сите инфраструктурни содржини и инвестиции во театрите. Република Македонија навистина е среќна театарска земја, ќе продолжиме со силна поддршка за уметничкото творештво во Македонија, нагласи Канческа-Милевска.
Честитајќи им го Светскиот ден на театарот на сите театарски работници, директорот на Драмскиот театар Роберт Вељаноски најави во иднина повторно бесплaтни претстави за граѓаните.
- Покрај секоја премиера, ова е најголемиот празник на театарот. Имаме мали „слатки“ проблеми, веќе два дена немаме билети, но ќе и се оддолжиме на нашата публика, која денеска не успеа да стигне до билет. Ќе се обидеме во блиска иднина да им излеземе во пресрет и повторно да имаме полни салони во Драмскиот театар, рече Вељаноски.
Уметничкиот директор на Драмски театар Рубенс Муратовски изрази желба и во иднина на публиката да и даваат незаборавни претстави и премиери, како и полни сали задоволна публика.