Традиционално 10. женско авторели во Гази Баба
Традиционално по 10 пат во саботата во Автокоманда се одржа „Мартовско женско авторели“ во организација на општина Гази Баба, АКК Кастрол рејсинг тим, Здружението на граѓани „Сообраќајна безбедносна зона“ и Град Скопје.
На релито учестуваа дваесетина жени, а целта, според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, е да се испрати порака за безбедно учество во сообраќајот, почитување на сообраќајните правила и прописи, но и вешто возење.
- Женското рели се прави со цел да ја подигне свеста на сите учесници во сообраќајот и да испрати порака дека не секогаш брзината е најважна. Најважно е да се вози безбедно и да се почитуваат сите сообраќајни правила и прописи, рече Јанкулоска.
Министерката констатира дека во изминатите години жените се покажале како исклучително совесни учесници во сообраќајот.
- Учеството во сообраќајот е обврска за сите, не само за возачите, туку и за пешаците и за сите други, затоа што секој од нас на свој начин може да даде придонес сите учесници да се чувствуваат безбедно, нагласи Јанкулоска.
Во 2013 година, таа додаде, се соочивме со рекордна бројка на починати лица во сообраќајни несреќи што било дополнителна причина за преземање активности за поттикнување на свеста кај учесниците.
- МВР спроведува акциски контроли за доследно применување на директивата која се однесува на сообраќајните правила и прописи. Резултатите од ваквите зголемени активности се евидентни на почетокот на оваа година. Споредено со истиот период лани бележиме пад на сообраќајните несреќи и тешките последици во сообраќајот, забележа Јанкулоска.
Таа најави дека Министерството ќе продолжи со засилени активности со цел да се подобрат негативните статистики со кои се соочува државата.
Најчест прекршок, спроед анализите на статистиката, е непочитување на максимално дозволената брзина во сообраќајот, истакна Јанкулоска.
- Во деновите од викенд сведоци сме на управување на мотороно возило под дејство на алкохол и за жал се уште е голем бројот граѓани, кои консумирале алкохол и сепак одлучуват да седнат зад воланот, забележа Министерката за внатрешни работи, додавајќи дека човечкиот фактор е најчеста причина за сообраќајни несреќи со фатални последици.
Јанкулоска упати апел до сите учесници во сообраќајот да се однесуваат совесно и одговорно, бидејќи со неодговорното однесување не само што го загрозуваат сопствениот живот и безбедност, туку го загрозуваат животот и безбедноста на останатите учесници.
„Мартовското женско рели“, според градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, е добар пример, како сите заедно можеме да придонесеме за промоција на безбедното и сигурно возење во сообраќајот.
- Општина Гази Баба ќе ги поддржува овие активности затоа што следејќи ги статистичките податоци се поголем број има сообраќајни незгоди и прекршители на сообраќајните правила и прописи. Упатуваме заднички апел само со сигурно, безбедно возење и почитување на сообраќајните правила и прописи можеме од едно до друго место да стигнеме побрзо и посигурно, истакна Трајковски.