Во Идризово обука за борба против трговијата со фалсификувани медикаменти
Во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи во Идризово денеска почна тридневна специјалистичка обука за борба против трговијата со фалсификувани медикаменти.
Обуката, која ќе ја реализираат експерти од француската Национална жандармерија, ќе ја посетуваат 17 претставници од МВР и по еден претставник од министерствата за правда и за здравство, како и претставник од Царинската управа на Република Македонија.
Оваа обука, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, очекуваме да значи нов квалитет во работењето на службите кои се надлежни да постапуваат по оваа проблематика.
- Проблемот за кој денеска зборуваме добива на тежина и се почесто надлежните институции се соочуваат со потреба од негово решавање, рече меѓу другото Јанкулоска, заблагодарувајќи и се на амбасадорката на Франција во Република Македонија Лоренс Оер, за континуираната поддршка и можноста експертите од Националната жандармерија своите знаења да ги споделат на оваа обука.
Амбасадорката Лоренс Оер, напоменувајќи оти меѓу македонското и француското МВР годишно има околу десетина обуки, најави дека во ноември годинава предвиден е регионален семинар на оваа тема, со цел да се дадат што повеќе оперативни знаења и насоки за борбата против трговијата со фалсификувани медикаменти.
- Во Франција овој вид криминал е во голем пораст. Само во 2013 година имало 68 кривични дела направени во овој домен со многу сторители на кривични дела, а откриени се преку 100 забранети интернет страници кои се занимаваат со овој вид трговија, рече француската амбасадорка и додаде уште еднаш дека овој вид криминал е во пораст не само во Франција, туку и во сите европски држави.
Во 2013 година во Република Македонија се запленети 719 разновидни пакувања со лекови без бандерола со сомнително потекло од Косово, по што СВР - Тетово има поднесено пријава против едно лице, управител на аптека од Македонија. Во 2012 година меѓу другото запленети се 3.952 парчиња разни видови таблети, но ниту еден од пакувањата не поседувале соодветни документи.