Ставрески : Ќе им помогнеме на тутунарите да потпишат договори со откупувачите
Во целост им се исплатени субвенциите на тутунарите, а деновиве разговараме со откупувачите да ги потпишат договорите со производителите кои им ги ветиле, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пo денешната посета на општина Прилеп и средбата со стопанствениците од прилепскиот регион.
- Она што сега го правиме како дополнителен напор е да се издејствува откупните комбинати да потпишат договори со тутунарите согласно договорот што го постигнавме пред десетина дена, истакна Ставрески.
Според него, државата нема да ги остави тутунарите сами да се справуваат со проблемот.
- До крај ќе инсистираме да се испочитува она што го ветија откупните претпријатија, дека ќе се потпишат договори со сите тутунари кои имале договори во 2013 година со количествата што ги утврдивме на тој состанок, нагласи Ставрески.
По вчерашниот последен состанок со откупувачите, вицепремиерот очекува деновиве да се интензивира потпишувањето на договорите со тутунопроизводителите за новата реколта тутун.