Јанакиески: На изградбата на автопатиштата работа за над 1000 лица
Почетокот на изградбата на двата автопата Скопје-Штип и Кичево-Охрид веќе ги дава првите резултати. Денеска е објавен оглас за вработување на еден од подизведувачите за над 650 лица, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
- Очекувам наредните денови и другите подизведувачи, а и кинеската компанија да објават повик за поголем број вработени, рече Јанакиески при посетата на Прилеп, каде престојуваше заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според Јанакиески, во текот на оваа година за работа на автопатиштата во земјава треба да се вработат над 1000 лица.
- Како Влада инсистиравме и е ставено во договорот, минимум 51 процент од вработените кои ќе работат на автопатиштата да бидат македонски граѓани, нагласи Јанакиески, притоа повикувајќи ги сите граѓани кои ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсите за работа.
- Ова е добар чекор за да се намали невработеноста во Македонија. Тоа беше една од нашите главни цели, подвлече Јанакиески.
Градежната компанија „Гранит“ денеска објави оглас за вработување на 670 лица, што ќе бидат ангажирани за изведување градежни работи на автопатиштата Скопје-Штип и Кичево – Охрид.
Автопатот Скопје-Штип ќе биде долг 47 километри и ќе чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри и е инвестиција од 374 милиони евра.