Во Скопје одбележан Денот на НАТО
Денес е денот кој го одбележува Алијансата, ден кој ја промени визијата за мирот, безбедноста и стабилноста и потврди дека е остварена основната замисла од Вашингтонскиот Договор, истакна министерот за одбрана Талат Џафери, на денешното одбележување на 4. април денот на НАТО во Домот на АРМ.
- Алијансата беше, е и останува главен двигател на споделувањето на заедничките вредности на демократијата, на слободата, на правдата, на човековите права и слободи и на многу други општо цивилизациски вредности. Затоа денес, во ерата на мир и безбедност во Евроатлантската област, можеме да зборуваме дека заедничките вредности, соработката, нашите институции, и нашиот начин на живот, се од особена важност за сите нас, рече Џафери.
Според него, во септември на Самитот на НАТО во Обединетото Кралство, земјите членки ќе изнајадат начин, високо на својата агенда да го стават и прашањето за проширување со нови земји членки.
- Република Македонија ги споделува и ги промовира истите вредности и интереси со земјите членки на Алијансата. На членството во НАТО се гледа како на суштински предуслов за зголемување на безбедноста и стабилноста, кое позитивно ќе влијае и врз деловната клима, економскиот раст, развојот и благосостојбата на нашите граѓани, истакна Џафери.
Интеграцијата на нашата земја во НАТО, за Џафери е заедничка обврска и главна политичка определба, интенција, цел и заслуга на сите политички партии, општествени чинители и граѓани.
- Од 2002 година над 3.300 војници од Армијата учествувале во меѓународните операции. Во моментов имаме распоредено 165 „амбасадори на мирот“ во три меѓународни операции предводени од ООН, НАТО и ЕУ, а континуирано даваме и логистичка поддршка на силите на КФОР на Косово. Планираме тоа ниво на придонес во меѓунардоните операции да го задржиме и после 2014 година, рече Џафери.
Тој порача дека Македонија останува посветена на понатамошниот придонес и во новата мисија „Resolute Support“ по 2014 година во рамки на заедничкиот СОФА договор со НАТО и партнерите. - Армијата располага со експерти за обука и советување во областа на воената полиција, врските, разузнавањето и други области, согласно потребата на Авганистан и нашите национални капацитети и способности, додаде Џафери.
Според Шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија полковник Александар Александров, НАТО не е само сојуз на држави со споделени вредносни системи засновани врз консезуални одлуки.
- НАТО е сојуз на целосно независни држави кои постојат и донесуваат одлуки како такви, а не во услови на лимитиран суверенитет, посочи Александров.
Потпретседателот на Евро-Атланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани во своето обраќање говореше за активностите во Алијансата која во 2013 година успешно извршуваше задачи во Авганистан, за поддршката во Косово, како и за зголемената и продлабочена работа на секаде низ светот.
За членството на Македонија во НАТО, Рамадани рече дека нашата земја ги исполни критериумите за полноправно членство уште од 2008 година од самитот во Букурешт. Според него, не ни е потребен уште еден самит, туку полноправно членство Македонија може да добие секоја среда во неделата ако се реши проблемот со Грција за прашањето со името.