КСС ќе инвестира 20 милиони долари во Македонија
Дваесет милиони долари ќе биде првичната инвестиција на американската КСС која вчера објави дека ќе го прошири своето производство од Европа во Македонија. Производствениот капацитет кој ќе биде на површина од 10.000 метри квадратни, ќе се гради во Кичево во слободната економска зона.
Ова го соопштија директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и Џим Скарп, заменик претседател во КСС.
- Нашата првична инвестиција, вклучувајќи ги и трошоците за изградба на фабриката, ќе се движи меѓу 15 и 20 милиони американски долари. Таа би можела да се прошири во иднина, ако имаме успех и позитивно искуство во првата фаза од нашите планови. Потоа би можело да има уште инвестиции, изјави Скарп.
Компанијата во Кичево планира да вработи 1.000 луѓе. На почетокот ќе работи во веќе постоечки објект каде кон крајот на оваа година ќе почне со обука на луѓето, а кон средината на 2015 година треба да биде во функција сопствениот објект. Во почетната фаза ќе се произведуваат воздушни перничиња.
- Ова е по принципот како што беше и инвестицијата на „Џонсон Контролс“ во Штип со тоа што во првата фаза ќе бидат инвестирани околу 20 милиони долари, а новиот објект ќе биде на површина од над 10.000 метри квадратни, изјави Мизо и додаде дека важното е тоа што ова е само првата фаза и има потенцијал за големо проширување на инвестицијата.
Тој додаде дека контактите со компанијата за влез во Македонија почнале од септември 2008 година, по што следеле бројни средби и разговори како во Македонија, така и во Детроит. - Иако првобитно поради светската економска криза тие имаа друга одлука да продолжат со свои активности во постоечки погони во Романија, сепак, упорноста беше пресудна, и нормално со помош од наша страна да одлучат за Македонија, истакна Мизо.
Тој најави дека во моментов се водат разговори и преговори во напредна фаза со компании кои се нивни добавувачи да го лоцираат своето производство во Македонија за потребите на КСС.
Станува збор за американски компании кои имаат свои капацитети и во Америка, Европа, Кина, Јапонија, Кореја, Индија и Јужна Америка. Во Европа имаат погони во Италија и во Романија, а централите за технички работи се во Германија.
КСС е светски лидер во дизајн, развој и производство на автомобилски сигурносни-критични компоненти и системи, вклучувајќи механизми за надувување, воздушни перничиња, волани и сигурносни појаси. Производите на КСС се дел на повеќе од 300 модели на автомобили произведени од повеќе од 60 високо-диверзифицирани клиенти низ целиот свет. КСС е со седиште во Мичиген, САД, со меѓународна мрежа од 29 продажни, проектантски и производствени капацитети кои вработуваат приближно 9.000 луѓе низ целиот свет. Компанијата има 5 главни технички центри лоцирани во САД, Германија, Кина, Јапонија и Јужна Кореа.