Директен лет Скопје-Париз двапати неделно
Нискобуџетната компанија „Визер“ од вчера воведе директна авиолинија Скопје-Париз. Компанијата на оваа релација ќе сообраќа два пати во неделата, во понеделник и во петок, од аеродромот „Александар Велики“, по цена за билет во еден правец од 30 до 70 евра.
- Како што претходно беше ветено на македонските граѓани, во соработка со „Визер“ денеска ги промовираме новите дестинации кон Париз и Келн, но претходно сакам да истакнам дека започна да лета пред два дена за Брисел, исто така и за Франкфурт од први април. Сите летови се со фреквенција од двапати неделно, изјави вчера министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, на промоцијата на летот, на која присуствуваа раководството на ТАВ Македонија и француската амбасадорка Лоранс Оер.
Од моментот кога беше објавено воведувањето на авиолинијата до денеска се направени повеќе од 4.000 резервации.
- „ТАВ Македонија“ продолжува да ги исполнува очекувањата на своите патници. Париз, заедно со другите три линии од „Александар Велики“ до Брисел, Келн и Франкфурт, кои, исто така, отпочнаа да се реализираат во април, стана 15-та дестинација на „Виз ер“, рече генералниот директор на „ТАВ Македонија“ Зоран Крстевски.
Амбасадорката Оер, која беше меѓу патниците на првиот лет за Париз, го истакна значењето на новата авиолинија за двете земји. - Отворањето на директна авиолинија на релација Скопје-Париз претставува одлична можност за унапредување на односите меѓу двете земји, помеѓу претпријатијата, туристите и подобро откривање на атрактивноста на двете земји, изјави Оер.