Отворен ден на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје денеска на својот кампус од 10 до 17 часот организира отворен ден „Запознајте го УКИМ“, на кој факултетите на штандови ги претставуваат програмите за додипломски, постдипломски и за докторски студии.

УКИМ трета година ја организира манифестацијата наменета за матурантите и за други заинтересирани посетители, кои низ разговор со студенти и преку информатеријали се запознаваат со студиските програми. Факултетите одделно, секој на свој креативен начин, ја осмислил презентацијата за да привлече потенцијални студенти.

Кампусот денеска го посетија министерот за образование и наука Спиро Ристовски и ректорот на УКИМ Велимир Стојковски.

Ректорот Стојковски очекува и во следната академска година да биде голем интересот за студии на  најстарата и вторпат најдобро рангирана  високообразовна институција во Македонија.

- По тоа што е најстар во Република Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има најдобро развиена мрежа за меѓународна соработка, така што покрај квалитетното образование и препознатливоста на нашата диплома на европскиот пазар на трудот, нуди и огромна можност за размена на студенти во сите програми на мобилност на Европската унија, истакна Стојковски.

Министерот Ристовски изјави дека на крајот на овој месец треба да бидат дефинирани квотите за упис на студентите. - Согласно со анализите, околу 15.000 новозапишани студенти добива УКИМ секоја година. Тука се и студентите кои сакаат да магистрираат или да докторираат на овој државен универзитет, кој е најдобро рангираниот во Република Македонија според Шангајскиот институт. Верувам дека и на овие уписи интересот ќе биде голем, рече Ристовски.

Тој додаде дека и за академската 2014/2015 квотите ќе бидат усогласени со потребите на пазарот на трудот и ги повика потенцијалните студенти во прв, втор и во трет циклус студии да се фокусираат на техничките науки.

- Тоа не е нешто што му се допаѓа на министерот за образование или на Владата, тоа е нешто што го диктира пазарот на трудот и профилите што реално ги бараат домашните и странските инвеститори за вклучување во нивните работни процеси, со многу поголема шанса за добивање работно место. Затоа апелирам за техничките науки, а ние како Влада и натаму со квотите ќе одговараме на потребите на пазарот на труд, истакна Ристовски.