Ивановски: Компјутери кои ќе ја поттикнат мотивацијата за учење
За време на денешниот престој во Битола, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, го посети ОУ „Климент Охридски„ каде се информира за начинот на изведување на наставата со помош на користењето на компјутерите со екран на допир. Тој се запозна со нивната техничка функционалност и предноста што ја имаат во однос на другите компјутерски системи.
Инаку, станува збор за новата генерација на Intel Classmate PC, која вклучува монитори на допир и ротирање и оперативен систем Windows 8. Пилот проектот се спроведува во училиштето „Климент Охридски„ во Битола, од почетокот на второто полугодие на оваа учебна година, во соработка меѓу Microsoft и Intel.
Целта на проектот е да се процени влијанието на новата технологија врз мотивацијата за учење кај децата и развојот на нови компјутерски вештини.
Ивановски напомена дека Република Македонија продолжува да го развива информатичкото општество преку низа проекти, од кои голем дел се спроведуваат во образовната сфера, со цел да се создаде информатички образована нација.