Ивановски најави нов факултет за информатичко-комуникациски технологии
Со цел подобрување на ИТ секторот во Македонија, денес беше потпишан Меморандум за соработка меѓу ИКТ комората при Сојузот на стопански комори и високо образовните институции од информатичката област. Идејата е преку размена на искуства и информации од бизнис и академски аспект, да се воспостави рамка на заедничко дејствување, која е од исклучително значење за развојот на информатичкото општество во земјата.
На настанот присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој оцени дека денешното потпишување на меморандумот претставува нов мотив и нов елан во заедничката соработка, што е дополнителен импулс не само во доменот на размена на искуства и идеи меѓу субјектите потписници, туку и основа за работа на заеднички проекти со практични цели.
„Од 2006 година па наваму, Владата на Република Македонија со програмата за развој на ИТ сферата, особено беше фокусирана на трансформацијата на академскиот сектор со програми и проекти кои одат во прилог на приватниот сектор. Целта беше образовани кадри да влезат во приватниот сектор и да придонесат за развој на економијата.„- рече министерот Ивановски.
Тој најави отворање на нов факултет за информатичко-комуникациски технологии наесен, кој ќе биде во рамките на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола.
„Матичната комисија веќе ја заврши својата работа, а сега е потребно научно-наставниот совет да избере декан и со тоа да се формира новиот факултет кој ќе биде спојување на Техничкиот факултет и Факултетот за администрација и менаџмент за информациони системи.„- додаде Ивановски.
Позитивни оценки за соработката меѓу ИКТ комората и информатичките факултети споделија и претседателот на комората, Саша Огненовски, како и деканите на високообразовните установи.
Факултетите кои се приклучија на иницијативата се: „Св. Апостол Павле“ – Охрид, ФОН, ФИНКИ, ФЕИТ, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Американ Колеџ од Скопје.