Тодоров:Нови 11 биохемиски анализатори за јавните здравствени установи
Единаесет нови анализатори со високо софистицирана технологија ќе добијат девет јавни здравствени установи во Македонија со што ќе се овозможи за еден степен повисоко ниво на квалитет и брзина на биохемиските услуги во лабораториите во државата, како и големи заштеди во работата на здравствените установи и ќе се подигне квалитетот на здравствениот систем.
Како што информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров, медицинските апарати се дел од спешно спроведениот тендер за набавка на тестови за биохемиски анализатори, а е спроведен според веќе воспоставениот систем за набавка со кој се врши набавка на репроматеријали, а апаратите се добиваат без надокнада.
Станува збор за 10 анализатори Абот Архитект ц4000 чиј капацитет изнесува 400 биохемиски анализи за еден час, односно заедно со електролити или вкупно комбинирано се изработуваат 800 анализи за еден час. Додека капацитетот на едниот анализатор Абот Архитект ц8000 изнесува 800 биохемиски анализи за еден час, односно заедно со електролити или вкупно комбинирано се изработуваат 1.200 анализи за еден час. Овој анализатор е воедно најголем од веќе постојните биохемиски анализатори во биохемиските лаборатории во јавните здравствени установи. Новите анализатори ќе бидат распределени за клиниките за детски болести, за хематологија, а онкологија и радиотерапија, како и за клиничка биохемија. Воедно дел од нив ќе бидат распределени и во ГОБ „8 Септември“, универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ и клиничките болници во Тетово, Штип и во Битола.
- Со оваа набавка лабораториите на болниците добиваат анализатори со високо софистицирана технологија коишто ќе ја подобрат ефикасноста, точноста на резултатите и брзината на нивното издавање. Овие анализатори имаат неколку патентирани технологии, како и голем број позиции за реагенси и примероци што овозможува голема флексибилност и автономија во работењето, рече Тодоров.
Според него, посебно е значајно што новите биохемиски анализатори може да се поврзат со имуно-анализатори во интегриран систем со што од една епрувета се добиваат биохемиски и имуно-анализи. Имаат и можност за поврзување со лабораториски и болнички информатички систем и работат со сите видови примероци, како и со бар-кодирани примероци.
Тој додаде дека фирмата Абот се наоѓа на прво место во топ 20 фирми производители на биохемиски анализатори и реагенси во светски рамки. Значајно е што капацитетот на сите 11 биохемиски анализатори е двојно поголем од веќе постојните анализатори, односно капацитетот на изработка на биохемиски тестови е двојно поголем од бараното во тендерската документација.
Тодоров потенцира дека станува збор за нова технологија апарати првпат произведени во 2012 година за која е обезбеден и 24-часовен сервис за период од три години, како и замена на резервни делови за истиот период и постгарантен период од 10 години. Просечното време на изработка на анализи на овие анализатори се движи од четири минути за електролити до 10 минути за останати биохемиски анализи, а постојните биохемиски анализатори кои работат на принцип на водна хемија биохемиските анализи ги изработуваат за 18 минути, додека анализаторите кои работат на принцип на сува хемија ги изработуваат за 12 минути.
Она што е посебно важно, потенцира министерот за здравство, е што минималната годишна заштеда за јавните здравствени установи кои ќе ги добијат новите биохемиски анализатори изнесува над 17 милиони денари. Се очекува, додава тој, заштедата да биде и поголема имајќи предвид дека бројот на биохемиски анализи секоја година постојано расте. Практично, подвлече, овие ЈЗУ за изработка на ваквите анализи годишно плаќале речиси 40 милиони денари, а сега нивните финансиски трошоци ќе бидат двојно помали и ќе изнесуваат околу 21,7 милиони денари.
Како потврда за ваквите очекувања, Тодоров наведе дека најголемиот потрошувач ЈЗУ Клиничка биохемија која приближно врши над 1.300.000 анализи на годишно ниво плаќала близу 22 милиони денари по цени добиени од Министерството за здравство, а сега за истиот број анализи ќе плаќа околу 12,6 милиони денари, што е заштеда од 9,25 милиони денари годишно.
- И во иднина продолжуваме со овој вид на групна набавка на тестови за биохемиски анализатори при што во наредниот период ќе следи и втора фаза од овој тендер со која ќе бидат опфатени и останатите јавни здравствени установи. Со ова македонските лаборатории ќе добијат врвни анализатори коишто се употребуваат во најсовремените лаборатории во Европа и светот, подвлече Тодоров.
Се очекува следната недела да се склучи рамковна спогодба со производителот согласно тендерската постапка, а апаратите треба да пристигнат за неколку недели по склучувањето на спогодбата и да бидат распределени во соодветните здравствени установи.