Ристовски: Новата учебна година со нови и реконструирани училишта
Средното училиште во Шуто Оризари ќе биде готово до почетокот на новата учебна година на 1 септември, најави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
- Станува збор за денови во коишто ќе бидат завршени сите градежни активности и тоа ќе биде ставено комплетно во функција. Потоа ќе следи негово опремување со целокупниот инвентар, а во соработка со Град Скопје и општина Шуто Оризари ги разгледуваме можностите кои струки да бидат опфатени во училиштето во зависност од интересите и потребите на населението. Ова е прво средно улиште во оваа општина и ќе гледаме во целост да одговориме на потребите на граѓаните од оваа општина, истакна Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека училиштето ќе има капацитет од 400 ученици во една смена, а во зависност од интересите на учениците планирано е да работи во две смени.
Покрај ова училиште, планирано е до почетокот на новата учебна година да бидат ставени во функција и доградбите на двете основни училишта во оваа општина.
Согласно планот на Министерството за изградба и реконструкција на училиштата, се очекува да биде готово и училиштето во селото Србци во општина Могила, како и шесте модуларни училишта во помали населени места.
До почетокот на новата учебна година планирано е да се заврши и со 26-те реконструкции на училиштата од кои 18 основни и 8 средни училишта.