ЕК: Македонија со трет најголем раст на БДП во Европа
Република Македонија минатата година имала трет најголем раст на Бруто-домашниот производ (БДП) во цела Европа, а годинава се предвидува дека ќе биде четврта според проектираниот раст на целиот европски континент, се вели во денешната пролетна економска прогноза на Европската комисија.
Македонија имала раст на БДП од 3,1 проценти, што е помалку на „стариот континент“ само од Романија (3,5%) и Литванија (3,3%), додека целата Европска унија имала раст од само 0,1 процент, Еврозоната била во рецесија (-0,4%), САД во суфицит од 1,9 отсто, а Јапонија со раст од 1,5 отсто на БДП.
За оваа година, Македонија е предвидено да има раст на БДП од 3,0 проценти, во што единствено подобри од неа ќе бидат Летонија (+3,8%), Литванија (+3,3%) и Полска (+3,2%).
Хрватска, заедно со Кипар, ќе бидат единствените во Унијата што и годинава ќе останат во рецесија. Влезот во ЕУ, очигледно не ја подобри хрватската економија, па оваа земја лани имала дефицит од 1,0 отсто на БДП, а годинава ќе остане во минус од 0,6 проценти. Дури и Грција, која повеќе години е во рецесија, годинава се очекува за првпат да излезе од кризата и по ланскиот дефицит од 3,9 отсто на БДП, годинава да оствари раст од 0,6 проценти, а идната година раст од 2,9 проценти. Кипар, пак, останува голема главоболка на Брисел, со оглед на тоа што лани бил во дефицит од 5,4 отсто на БДП, а годинава се очекува да остане на минус 4,8 проценти од бруто-домашниот производ.
Во однос на Македонија, позитивни се прогнозите за раст на БДП и за 2015 година, кога Еврокомисијата прогнозира дека ќе оствари раст од 3,2 отсто, Европската унија раст од 2,0 проценти, Еврозоната (+1,7%), а и сите други земји од Унијата и Еврозоната, се прогнозира дека догодина ќе излезат од рецесијата и ќе започне позитивниот тренд на зголемување на БДП.
- Опоравувањето на ЕУ веќе зема замав. Дефицитот паѓа, а инвестициите растат, додека ситуацијата со вработувањата се подобрува. Континиураните реформи на земјите-членки на ЕУ се исплатија. Мора да продолжиме со напорите да креираме повеќе работни места за Европејците и да го засилиме растот на економијата, истакна в.д. комесарот за економски прашања и монетарна политика на Европската унија, Сим Калас.
Со наслов: „Закрепнувањето се очекува да остане на вистинската патека со умерена стапка на раст“, Комисијата во оваа прогноза за Македонија вели дека „понесено од надворешниот сектор, економското закрепнување што почна неодлучно во втората половина на 2012 година, доби цврста основа минатата година“. Притоа, се забележува дека производството се проширило за 3,1 проценти во реални услови во 2013 година, а дека растот е проектиран да остане на околу три проценти оваа година, и да се забрза малку следната година, управуван од страна на домашната побарувачка. Исто така, во прогнозата за нашата земја се напоменува дека инвестициското трошење се очекува да го поврати импулсот, за сметка на јавната инфраструктура и директните странски инвестиции, иако, според ЕК, тоа не ги постигнало своите високи стапки на раст од 2011 и 2012 година. „Приватната потрошувачка, исто така, се предвидува да придонесе за раст и умерено, но сигурно подигање нагоре“, се наведува во прогнозата.
Според Комисијата, солидниот раст на обемот на извозот, главно за сметка на странските објекти во земјата и опаѓање на увозот, обезбедило основа за зацврснато економско закрепнување во 2013 година. Се наведува дека реалниот Бруто-домашен производ (БДП) се зголемил на 3,1 процент, без оглед на неочекувано големиот пад на инвестициското трошење за 11,5 отсто. Потрошувачката на домаќинствата, засилени од зголемувањето на пензиите и другите трошоци се зголемиле за 4,2 отсто, иако, растот забавил малку во втората половина на годината.
- Од производната страна, најголем придонес за растот на БДП дојде од градежниот сектор, кој има зголемено производство за 33 проценти на годишно ниво, по 4,8-те проценти во 2012 година, во голема мера надминувајќи го производствениот сектор. Сепак, производство на фабриките силно се зголеми во четвртиот квартал и продолжи да испраќа голема добивка и во првите два месеци од 2014 година, се наведува во прогнозата.
Со напомена дека домашната побарувачка ќе го управува растот во иднина, Комисијата прогнозира дека профилот на раст се очекува повторно да се промени во идните прогнози, со нов замав во инвестициите, а потрошувачката на домаќинствата да го преземе водството во тој дел. ЕК смета дека и двете, јавните и директните странски инвестиции е проектирано да се зголемат, со оглед на како што се вели „амбициозната програма на Владата за привлекување на странските инвеститори“, што доведе до потврден тек на нови проекти, надополнети со постепено јакнење на кредитирањето на корпоративниот сектор.
- Порастот на потрошувачката на домаќинствата, исто така, голема е веројатноста да остане еластична, во согласност со проектираното зголемување на расположливиот приход, врз основа на очекувањата за позитивниот тренд со вработувањата, повисоките социјални трансфери и приближно стабилните дознаки. Со планот на новите странски инвеститори да го преземат производство, поврзано со зголемување на увозот, сето тоа се очекува да доведе до обновување на проширувањето на трговскиот биланс во текот на идните прогнози хоризонтот, се наведува во продолжението од прогнозата за Македонија, каде се напоменува и дека нето-извозот негативно ќе влијае на растот во двете години.
Зголемувањето на инвестициите, веројатно, ќе доведе до понатамошни добивки во однос на зголемување на вработувањата, се додава во прогнозата за нашата земја. Притоа, Комисијата констатира дека вработувањата значително се зголемиле во 2013 година, за дури 4,3 проценти во споредба со претходната година. Тоа се наведува дека било поддржано од страна на силното зголемување во јавниот сектор и значајните добивки во градежништвото и производството. Па, во тој контекст, се прогнозира дека вработувањето се очекува да се зголемува, главно на сметка на експанзијата од инвестиции, како и зголеменото трошење на мерките на пазарот на трудот.
- Под услов структурните реформи за подобрување на бизнис-средината да се спроведуваат (како што е олеснување на процедурите за лиценцирање), се очекува да продолжи создавањето нови работни места. Иако стапката на невработеност и понатаму останува висока, таа во просек се намали за два проценти на 29 отсто во 2013 година, а во однос на претходната година. Па, на сметка на тековните обновувања, се очекува понатамошно подобрување во овој дел, наведува Еврокомисијата.
Сепак, во оваа пролетна економска прогноза, ЕК предупредува дека трговскиот биланс и тековната сметка повторно се влошила, во светло на силниот увоз. Па, така, се вели дека дефицитот на тековната сметка се стеснил во 2013 година на 1,9 отсто, за сметка на подобрувањето на трговскиот биланс на стока и покрај падот во тековните трансфери, кои традиционално го финансираат најголемиот дел од трговскиот дефицит. Во 2014 година, силен раст во обемот на увоз се очекува како резултат на почетокот на нови јавни и директни странски инвестиции, а со почетокот на производната активност од страна на новите странски субјекти, растот на извозот постепено ќе се забрза во текот 2014 и 2015 година.
- Балансот на трговијата со стока ќе се влоши во текот на двете години, иако тоа ќе се покаже помалку значајно во повлекувањето на раст во 2015, отколку во 2014 година. Главно на сметка на очекуваното дополнително намалување на приватните трансфери, во комбинација со проширување на дефицитот од трговската размена, дефицитот на тековната сметка е проектиран за речиси двојно во 2014 година. Финансирањето на тековната сметка, на тој начин ќе зависи повеќе од приливите на странските инвестиции и надворешното задолжување на Владата, кое се очекува да се зголеми со оглед на значителното финансирање напотребите за инвестиции во јавната инфраструктура, гласи овој дел од прогнозата за Македонија.
На крајот од прогнозата, Европската комисија смета дека „стратегијата за фискална консолидација останува нејасна“, па се наведува дека општиот буџетски дефицит на Владата во 2013 година изнесувал 4,1 проценти од БДП. Ова, според ЕК, било малку повисоко од целта, која била ревидирана во есента од 3,6 отсто на 3,9 проценти, па истакнуваат дека во согласност со својата среднорочна фискална стратегија, македонската Влада се одлучила на фискална потрошувачка базирана на консолидација.
- Оваа година, целта за општ дефицит е поставена на 3,5 проценти, а на 3,2 отсто за 2015 година. Сепак, изворот на буџетски заштеди за поддршка на консолидацијата е нејасен. Амбициозната програма за јавни инвестиции, зголемувањето на пензиите и другиот пренос на плаќања, како и понатамошното предвидено зголемување на платите во јавниот сектор, укажуваат дека ќе продолжат притисоци врз вкупните трошоци. Владата останува посветена на ниските даноци и плановите за намалување на соодносот на приходите на 31,3 отсто од БДП меѓу 2014 и 2016 година. Генерално, дефицитот може да се прошири во 2014 година и да продолжи, ако трошењето продолжи по изборите, се наведува во прогнозата.
На крајот од делот на прогнозата на Европската комисија за Македонија очекува потребите на финансирање да доведат до понатамошно зголемување на јавнито долг, кој се зголемил за два проценти во 2013 година, со тоа што се предвидува дека може да се зголеми уште за уште 4,8 отсто до 2015 година.
Позитивниот тренд во однос на намалување на невработеноста во Македонија, која од 32 проценти во 2010 година, лани достигнала 29 отсто, годинава се очекува да се намали за 0,5 проценти, а догодина да падне на 27,5 проценти, се предвидува и за целата Европската унија, Еврозоната и САД. Ако годинава бројот на невработени бил 10,8 проценти од работоспособните лица во Унијата, годинава се очекува бројката да падне за 0,3 отсто, а во 2015 да стигне до 10,1 проценти. Сличен тренд се очекува и во Еврозоната, како и во Шпанија и Грција, земји со највисока астапка на невработеност во ЕУ, каде од ланските 27,3% невработени (Грција), догодина се очекува вработеноста да се зголеми за три отсто, додека од 26,4 отсто во 2013 година (Шпанија), во 2015 година исто така и таму се очекува бројката да падне на 24 проценти. Единствена земја каде се очекува да продолжи трендот на лица што ќе останат без работа е повторно најновата членка на Унијата, Хрватска, каде од ланските 17,2 проценти невработеност, оваа и идната година, се очекува бројката да се зголеми до 18 проценти.
Инаку, во однос на јавниот долг, иако е забележана тенденција на зголемување во Македонија, па од ланските 36,0 проценти на БДП, годинава се очекува да се зголеми на 28,7 отсто, а догодина на 40,8 проценти, тоа е сепак далеку од дозволениот минимум на задолженост на Европската унија, кој изнесува 60 проценти од БДП. Всушност, на ниво на ЕУ, рекордно мало ниво на јавен долг има само Естонија (10,0%), додека во просек кај сите земји-членки таа изнесува 88,9 отсто, а догодина се очекува да се искачи до 89,2 проценти.