МТСП и МОН: Студиски програми и уписни квоти според потребите на пазарот на труд
Понудата од високообразован кадар не се совпаѓа со потребите на работодавачите. Има струки што изумираат, а се уште се студираат на факултетите, како и професии од кои пазарот на труд е презаситен и дипломираните чекаат повеќе години за работа.
Тоа го покажала анализата што министествата за труд и социјална политика и за образование и наука ја направиле врз основа на бројот и профилот на невработени лица, регистрирани во Агенцијата за вработување. Целта на истражувањето на МТСП и МОН била да ги открие дефицитарните и суфицитарните занимања и според тие податоци универзитетите да ги приспособат квотите за упис на студиските програми.
Ресорните министри Спиро Ристевски и Панче Кралев на прес-конференција истакнаа дека анализата е препорака за зголемување на квотите за упис за дефицитарни, односно намалување, мирување или целосно укинување на студиски програми што се суфицитарни на пазарот.
Според анализата, треба да се укине студиската програма за јавна администрација и за професор по општонародна одбрана и заштита. Со ова звање има околу 600 невработени, а на пазарот реално има потреба за еден до двајца.
Суфицитарни студиски програми за кои треба да бидат намалени квотите за запишување студенти се посочени: сообраќаен инженер за патен сообраќај, бизнис-администрација, професори по македонски јазик, филозофија, физичко воспитување, криминалист, правник, историчари и историчари на уметноста, географи, етнолози, неколку економски насоки, инженери по шумарство и по геологија, менаџер по туризам, хемичари.
Препорачано е во сукцесивно мирување да бидат ставени студиските програми: социјален работник, професор за предучилишно образование, воспитувач, учител, професори по македонски јазик и литература, историја, компаративна книжевност и за одделенска настава по македонски и по албански јазик.
Од друга страна, пак, има побарувачка за струки кои се дифицитарни на пазарот. За нив е препорачано да се поттикне интересот и да се зголемат квотите за упис на факултетите. Тиа се, главно, од техничките и од медицинските науки: градежен инженер, програмер, фармацевт, очен лекар, геодетски инженер, компјутерски инженер, професори за математика во основно и средно, економист Е-бизнис и ветеринар.
Министерот за образование и наука Кралев соопшти дека анализата ќе биде испратена до јавните универзитети во Македонија.
- Идејата е таа да биде земена предвид кога ќе се формираат квотите. Препораката до универзитетите е уште од сега да се размислува за реформирање и на измена, за да се генерираат студиски програми кои ќе одговараат на потребите на работодавачите. Целта на анлизата е да им помогне и на учениците полесно да најдат работа. Вакви анализи треба да се прават континуирано и од самите универзитети, рече Кралев.
Министерот за труд и социјала Спиро Ристевски посочи дека анализата е препорака, а не наредба до универзитетите зашто тие се независни.
- Нашата сугестија е дека врз основа на оваа анализа евидентно е дека неколку илјади граѓани чекаат, односно дека младите луѓе треба да се концентрираат на струки со кои сигурно ќе имаат работно место. Нашиот фокус е повеќе на правилно насочување на младите луѓе, односно на тие што треба да најдат работа, отколку на десетина професори кои предаваат предмети што треба да се преадаптираат, рече Ристевски. Тој додаде дека бројот на невработени се намалува и со преквалификација и доквалификација, но дека суштината на оваа анализа е превенирањето - младите навреме и правилно професионално да се ориентираат.
Податоците за невработени, нивното образование и времето на чекање работа, од кои е составена анализата, се собирани во периодот јануари - септември 2011.