Јанкулоска: Борбата против организираниот криминал бара соработка меѓу државите
Успехот во борбата против организираниот криминал како комплексна закана која ги надминува националните граници покрај мултидисциплинарниот пристап денес е исклучително зависен и од градење интегрирани механизми за соработка помеѓу државите и меѓународните институции. Досегашната пракса покажа дека целосно документирање на една операција е можно само со водење на заеднички меѓународни истраги и непосредна размена на податоци со вклучување на надлежните институции од сите земји учеснички во операциите.
Ова го истакна денеска во Центарот за обука во Идризово министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по повод започнувањето на четвртиот модул за регионална обука на тема „Броба против организиран криминал и трговија со дрога“ во рамките на програмата „Партнерство за едукација“ на кој присуствуваше и амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс.
Според неа, геостратешката положба на Македонија и на сите држави од регионот се поклопуваат со тkн. балканска рута која е една од алките во глобалниот синџир за транспорт на дрогата и криумчарењето мигранти, а формата и видовите криминални активности во кои се вклучени организираните криминални групи е најразновиден.
- Според релевантните меѓународни институции како што е Еуропол и како што е наведено во Проценката за закана од организиран и сериозен криминал за 2013 година во овој момент во ЕУ дејствуваат околу 3600 транснационални организирани криминални групи. Хиерархиските структури на овие групи се флескибилни во однос на нивното раководење. Покрај традициоалните етнички, лингвистички и историски врски кои остануваат да претставуваат фактор во делувањето, сепак криминалните групи се повеќе стануваат хетерогени и мултинационални поради што се потешко го прави нивното следење и проценката за закана од нивното дејствување, рече Јанкуловска.
Таа додаде дека трговијата со дрога останува најважниот и најдинамичниот криминален пазар за овие организирани криминални групи, а 30 отсто од нив се вклучени во наркобизнисот. Токму затоа, посочи земјите од овој регион претставуваат посебен оперативен фокус, а овие факти се потврдуваат преку соработката на македонската полиција со полициските служби во регионот и пошироко за бројни случаи изминатиов период.
- Поддршката во зајакнување на капацитетите на специјализираните единици за борба против организираниот криминал преку полето на едукација и градење меѓусебна доверба денес претставува најсигурна инвестиција во иднината на една држава и идните генерации. Најдобар пример се операциите Босфор и Диригент кои придонесоа македонската полиција да се промовира во релевантен меѓународен партнер, рече Јанкулоска.
Таа прецизира дека во акцијата Босфор од 2008 до 2010 година вкупно биле запленети околу 360 килограми хероин чија вредност е проценета на приближно 15 милиони евра, а кривично беа пријавени 40 лица. Додека во акцијата Диригент која македонската полиција ја реализира заедно со австриските и германските полициски служби беа запленети околу 200 килограми хероин, два килограми кокаин со вкупна вредност од околу 10 милиони евра, а во трите земји беа уапесени 120 лица инволвирани во наркотрговијата.
Американскиот амбасадор Волерс го поздрави учеството на полициските служби од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Хрватска на оваа регионална обука на која се очекува да бидат разменети искуства во борбата против организираниот криминал и да ја подобрат оперативната соработка меѓу земјите во овој контекст.
- Ги повикуваме полицијата и Обвинителството како и сите граѓани да работат едни до други во борбата против сите форми на организиран криминал. Сите имаат важна улога за унапредување на владеење на правото во општеството. Оваа регионална иницијатива претставува уште еден придонес во нашите континуирани напори да ви помогнеме во зацврстувањето на вашите веќе функционални полициски тимови и го поздравуваме изнаоѓањето нови начини за соработка против меѓународниот организиран криминал и нарко криминалот, рече Волерс.
Обуката е во организација на Амбасадата на САД во Скопје и програмата ИЦИТАП Македонија, заедно со американската амбасада во Хрватска и македонското Министерство за внатрешни работи.