Средба на министерот за одбрана Бесими со неговиот црногорски колега Вучиниќ во Подгорица
Македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими денеска во Подгорица, во рамки на неговата дводневна официјална посета, оствари средба со црногорскиот колега Боро Вучиниќ, на која разговараа за прашања од заеднички интерес од областа на одбраната и евроатланските интеграции на двете земји.
Регионалните иницијативи биле во фокусот на разговорите бидејќи заедничка била констатацијата дека регионалната соработка е најдобар пат до остварување на целите за евроатлански интеграции. На средбата е разговарано и за натамошно заедничкото искористување на расположливите ресурси.
- Имаме желба нашите пријатели од Македонија да ги надминат проблемите кои ги имаат со својот јужен сосед и да се создадат услови земјата што поскоро да стане полноправен член на НАТО и ЕУ, а во тој поглед ја имаат поддршката од Црна Гора, изјави црногорскиот министер за одбрана на заедничката прес-конференција, по средбата со министерот Бесими.
Министерот Вучиниќ изрази благодарност за школувањето на кадети од Црна Гора на Воената академија во Република Македонија, додека пак министерот Бесими изрази задоволство од обуката на тројца македонски пилоти во воздухопловната база во Црна Гора.
Како што јави известувачот на МИА од Подгорица, најавени се и можности за обуки од аспект на скијање, нуркање и други активности кои се согласно билатералната соработка.
- Евроатланските интеграции се една од најдобрите алтернативи за земјите од регионот, односно членството во НАТО и ЕУ се можност и гаранција за стабилен и долгорочен мир во регионот и можност за негов развој, повеќе инвестиции и отворање работни места, истакна македонскиот министер за одбрана. Тој нагласи дека биле разгледани и нови иницијативи согласно концептот „смарт дефенсе“ (паметна одбрана) на НАТО односно како и на кој начин подобро да се искористат расположливите ресурси. Една од идеите на овој концепт е во текот на следната недела да се одржи средба на министрите за одбрана на групата А5 во Драч, Албанија, каде ќе се предложи иницијатива за еден заеднички пристап во набавките и користење на капацитетите во одбраната меѓу земјите во регионот.
За време на посетата, министерот за одбрана Бесими се сретна и со претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, на која исто така е разговарано за евроатланските интеграции, кои позитивно ќе влијаат врз економските аспекти, како и за значењето на билатералната соработка, не само во однос на Македонија и Црна Гора, туку и од аспект на регионот.