„Тигрите“ заминаа за Србија
Чета на Единицата за специјални задачи „Тигар“ обучена за спасување и помош во кризни ситуации изутрината замина со хеликоптер за Србија, каде треба да се вклучи во активностите за справување со поплавите.
- Дестинацијата на која се упатија утрово е Белград и зависно од потребите и насоките кои од тамошниот кризен штаб што тие ќе ги добијат подготвени се да дејствуваат во рамки на нивните способности за кои се одлично обучени и опремени со целокупната опрема, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Република Македонија, потсети, и понуди помош на Србија и во делот на снабдување со електрична енергија, бидејќи согласно различни фази со кои земјите се соочуваат во оваа катастрофална елементарна непогода, потребите се различни и ние ги следиме.
Според Јанкулоска, се испраќа помош онака како што тие ќе проценат дека е најпотребно и најинтервентно во даден момент.
- Доколку понатаму се јави потреба од поинаков тип на помош и поинаков ангажман македoнската Влада е отворена повторно да ги разгледа можностите и во рамки на нашиот максимален капацитет да одговориме секому кому му е потребна помош, изјави Јанкулоска.