Груевски: Грчкиот интерес за оставките на СДСМ јасно покажува кому му одговараат овие постапки

- Грчките медиуми континуирано и многу опсежно пишуваат за оставките на пратениците од СДСМ и мислам дека самиот тој интерес покажува кому му одговара ова што го прави СДСМ, истакна Груевски, по промоцијата на новата музејска поставка во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

Информацијата дека опозицијата во Македонија предводена од СДСМ не ги прифаќа пратеничките мандати вчера се најде на националистичките блогови како „Грчка национална гордост“.

Грчкиот весник „Елефтеростипос“ пренесе  дека 33 од 34 членови на опозициската коалиција предводена од Зоран Заев од СДСМ ја поднеле својата оставка во Парламентот, по одлуката на опозицијата да не ги признае резултатите одржани од изборите на 27-ми април, годинава.

На порталот „Дифенс Нет“, пак, беше напишано дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, истакнал дека составот на Парламентот не ја одразува волјата на електоратот во земјата.

„Зоран Заев побара формирање техничка влада со цел, враќање на демократскиот легитимитет на земјата и организација на нови избори“, напиша порталот „Зугла“.

Освен големиот интерес од страна на грчките медиуми за оставките на пратениците од СДСМ, и дел од експертската јавност во Македонија предупредува дека ваквото однесување на опозицијата е штетно за македонските позиции во ЕУ, а корисно е само за оние што противправно не блокираат во меѓународните организации.