Одбележан денот на згрижувачките семејства во Македонија
Во организација на Црвениот крст на Град Скопје и Министерството затруд и социјална политика денеска во Креативниот центар во Зоолошката градина во Скопје беше одбележан Денот на згрижувачки семејства.
- Згрижувачки семејства во Република Македонија вршат една навистина благородна и хумана мисија, имаат големо значење за социјалната и детската заштита на дечињата без родители и родителска грижа, но и на децата со пречки во развојот, истакна на одбележувањето на Денот министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Во Република Македонија има околу 180 згрижувачки семејства кои згрижуваат на 280 деца.
- Повеќето од нив се деца без родители и родителска грижа. Како надлежно Министерство и во иднина ќе продолжиме да ги поддржуваме овие семејства во градење на нивните капацитети и подобрување на грижата за овие деца, но исто така ќе работиме и на зголемувањето на паричната помош и поддршка која ја добиваат згрижувачките семејства од страна на државата, рече Спасов.
Додаде дека во 2015 се планира зголемување на додатокот за згрижувачки семејства за 25 проценти, но и воведување на програма која е интернационална и светски признаена за едукација на згрижувачките семејства.
Информира и дека наскоро ќе започне и кампања насловена „На секое дете му е потребно семејство“ со која, како што рече, треба да се подигнеме свесноста на граѓаните за значењето и важноста што ја имаат овие згрижувачки семејства, за да се зголеми нивниот број и да се обезбедат поквалитетни услови и згрижување на овие дечиња.
Министерот Спасов во рамки за одбележувањето на Денот на згрижувачките семејства заедно со српската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ се дружеше со децата кои се згрижени во вакви семејства.
Јоксимовиќ се приклучил на хуманитарниот карван организран од Црвениот крст, во чии рамки денеска ги посетил училиштата за деца со оштетен вид и за деца со посебни потреби.
- Јас сакам да нагласам дека секогаш треба да се биде хуман бидејќи хуманоста се враќа на голема на голема врата.Едноставно нашето малку за некого значи многу, рече Јоксимовиќ.