Груевски: Реформите за европска интеграција остануваат приоритет за Владата

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 04.06.2014 година) оствари средба со генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската Комисија, г-дин Кристијан Даниелсон.

На средбата се разговараше за европската интеграција на Република Македонија, нејзините перспективи и реформите кои се преземаат за реализација на европската агенда.

Соговорниците позитивно го оценија континуираниот и добро воспоставен дијалог меѓу Република Македонија и Европската Комисија. Премиерот Груевски истакна дека европската интеграција е стратешка определба на земјата и дека приоритет на Владата останува да бидат реформите за европската интеграција при што референтен документ се избраните приоритети од Пристапниот дијалог на високо ниво и ангажманот за нивното исполнување во целина. Тој истакна дека ќе се продолжи и со активностите и реформите кои овозможуваат понатамошна модернизација и унапредување на економијата и општествените сфери.

Стана збор и за одржаните избори, и процедурите за формирање на новата Влада, при што од страна на премиерот Груевски беше истакнато дека прелиминарните наоди на ОБСЕ се внимателно анализирани и штом се објават конечните наоди и препораки, ќе бидат земени предвид и адресирани, за што веќе се изработува акциски план за понатамошно унапредување на законодавството и неговата имплементација. Беше истакната интенцијата, потребата и корисноста од институционален дијалог и коректни и продуктивните политички дебати во рамките на институциите со инклузија на сите политички фактори, како и потребата од одговорно и посветено однесување на сите чинители.

Соговорниците се осврнаа и на прашања кои имаат влијание на европските интеграции при што премиерот Груевски ја истакна силната посветеност на Република Македонија за зајакнувањето на добрососедските односи, за интензивирање на дијалогот и надминување на отворените прашања во духот на европските вредности, како и подготвеноста и отвореноста за соработка со соседите во голем број области.

Соговорниците разменија мислења и околу други прашања во врска со меѓусебната соработка и ефектите од истата.