Пуштена во употреба мониторинг станица


Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски и в.д. шефот на оперативниот дел на Делегацијата на ЕУ Дитер Тил денеска ја пуштија во употреба мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух во Карпош.


Станицата, според ресорниот министер, ќе го следи квалитетот на воздухот во т.н. урбана позадина со цел да се добијат информации за просечните нивоа на квалитетот на воздухот и изложеноста во урбаните средини, за разлика од мониторинг станицата во општина Центар која беше пуштена во употреба неодамна и го мери квалитетот на воздухот во област каде има голема фреквенција на сообраќај.


- Со овие две станици видно ја надополнивме постојната мониторинг мрежа за квалитет на воздухот во главниот град, што ќе ни овозможи поцелосна и поквалитетна слика за неговата состојбата. Таквите и навремени информации се основен предуслов да го зачуваме квалитетот на воздухот, онаму каде што е добар, а да предвидуваме и да спроведуваме мерки за подобрување онаму каде што неговиот квалитет е под пропишаните гранични вредности, рече Адеми.


Системот за мониторинг на воздухот, според него, на Министерството му служи да ги изврши обврските за информирање на домашната јавност, за известување на Европската агенција за животна средина и повеќе меѓународни договори во областа на животната средина ратификувани од страна на Република Македонија.


- Токму затоа, овој систем истовремено значи силна поддршка во нашето приближување кон европските барања и стандарди во областа на животната средина, а со тоа и забрзување на процесот на нашите евроинтеграции, додаде министерот Адеми.


Претставникот на делегацијата нa ЕУ во Македонија Тил истакна дека станиците не само што ќе известуваат, туку ќе бидат и алатка за собирање податоци кои ќе го зголемат капацитетот за анализирање на квалитетот на амбиенталниот воздух.


- Овие станици ќе му помогнат на Министерството за животна средина за изготвување на анализите и ќе бидат опрема на лабораторијата да обезбедат подобри податоци и истовремено да трансмитираат податоци не само во земјава, туку и во Европската унија, истакна Тил.


Градоначалникот Јакимовски смета дека оваа станица ќе биде поттик кон локалната самоуправа и граѓаните на општина Карпош да размислуваат што прават со околината и како придонесуваат за зачувувањето на чистиот воздух.


- Опремата ќе даде поттик кон локалната самоуправа и граѓаните на општина Карпош за повеќе да се грижиме за околината и каков воздух дишиме, рече Јакимовски.


Мониторинг станиците во општините Карпош и Центар се обезбедени со финансиска поддршка од ИПА програматa, како дел од помошта во процесот на усогласување на областа на животната средина со барањата на Европската унија.