Ѓорѓиев: Гасификацијата на Скопје не е доведена во прашање
Македонија внимателно го следи развојот околу случувањата со Јужен тек, кои, во секој случај, не зависат директно од нас. Делот кој зависи од нас, во смисла на подготовки од наша страна, е комплетиран, изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, одговарајќи за тоа кој е ставот на Владата по последниот развој на настаните поврзани со гасоводот Јужен тек.
- По повод најновиот развој на ситуацијата поврзана со одлуките на Бугарија, и доколку тиебидат на тој начин реализирани и непроменети, Владата веќе разработува анализи во врска со можностите за реализација на планираните проекти во рамките на сегашните количини и капацитети на природен гас кои може да се обезбедат. Според првичните проценки, гасификацијата на Скопје не е доведена во прашање во случај на неможност за реализација на Јужен Тек, рече Ѓорѓиев.
Со оглед дека покрај скопската гасификација, има уште два лота за реализација на гасификацијата, од кои едниот за источна Македонија, а другиот за западна Македонија, според портпаролот на Владата, институциите прават дополнителни пресметки.
- Прелиминираните нефинални анализи укажуваат дека веројатно и овие два лота би можеле да се вклопат во сегашните количини и капацитети, кои ќе ги задоволат потребите краткорочно или евентуално среднорочно. Инаку, соодветно внимание се посветува и на Јужен тек и на Трансјадранскиот гасовод ТАП, како битни проекти за долгорочната енергетската иднина на земјата. За ТАП подолго време комуницираме со партнерите, сме имале поголем број контакти, квалитетни и по обем и по суштина, последен пат со претставници на ТАП кои беа во земјава неодамна, и на овој план работите се одвиваат во добра насока, изјави Ѓорѓиев.
Покрај овие два проекта, додаде тој, Владата разгледува и други алтернативи за долгорочно снабдување со природен гас за кои се извршени и разговори.