Премиерот Никола Груевски се сретна со високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Астрид Торс
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 11.06.2014 година) оствари средба со г-ѓа Астрид Торс, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства.
На средбата се разговараше за повеќе теми од областа на заедничката соработка, реформите, мултиетничкото општество и етничките заедници, како и имплементација на критериумите и реализација на проектите кои се во насока на унапредување на довербата.
Премиерот Груевски истакна дека Владата посветено вложува напори и спроведува мерки за промовирање на интеграцијата на различните етнички заедници во сите области од животот со цел осигурување на долгорочна кохезија на македонското општество. Притоа посочи дека образованието е основен елемент во овој поглед и според тоа неговиот развој и унапредување ќе продолжи да биде еден од приоритетите на новата Влада.
Премиерот Груевски ја реафирмираше посветеноста на Владата на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор при што беше посочено дека е постигнат значителен напредок во областите на правична застапеност на сите етнички заедници, што допринесува за градење на меѓусебна доверба и насочување на капацитетите кон постигнување на општествен напредок. На средбата стана збор за актуелните предизвици и начините за нивно надминување што дополнително ќе придонесе за релаксирање на односите за што е потребна ангажираност на сите релевантни чинители и дејствување во насока на нивно надминување.
Премиерот Груевски истакна дека Владата останува посветена на јакнење на капацитетите на институциите и поддршка на процесите кои ќе значат унапредување на состојбата. Тој посочи дека Македонија ќе продолжи да соработува со г-ѓа Торс и нејзината Канцеларија и да се потпира на нивната експертиза во оваа област, за што ја изрази својата благодарност.