Груевски очекува нови германски инвестиции, интервју за Дојче Веле
ДВ: Господине Груевски, каде го гледате проблемот – интересирање очигледно има – за поголемо присуство и позабрзано влегување на странски капитал со „гринфилд“ инвестиции во Македонија?
Груевски: Па ние практично последните месеци имаме позасилено доаѓање на странски компании во Македонија - околу десетина крупни, глобални компании веќе не само што објавија, туку и започнаа да градат свои фабрики во Македонија. Претходно две години светската економска криза беше една од причините за нивно намалено доаѓање. Само што почна од јануари наваму да олабавува ситуацијата на глобалниот пазар, веднаш добивме резултат од нашите напори, кои не застанаа дури ни за време на таа светска економска криза во 2009 и 2010 година, кога исто така вршевме презентации, вршевме реформи внатре во земјата, создававме подобри услови за бизнис. Светската банка го препозна тоа, го презентираше и само што дојде периодот кога почна да попушта светската економска криза, почнаа да доаѓаат и резултатите од сите наши напори претходно.
Она што во иднина не’ плаши, што може повторно малку да ги забави инвеститорите во нивните намери да вложуваат, или пак да го забави нашиот пораст, е должничката криза во Европа
Не од аспект дека ние имаме преголем долг, бидејќи ние имаме релативно низок долг од 26,3 проценти, туку од аспект на тоа дека самата Европа се наоѓа во потешкотии. Тоа е еден од ризиците, како во минатото, така и во иднина. Други крупни проблеми нема, затоа што компаниите гледаат бизнис интерес таму, каде што има добри услови за правење бизнис. Се надевам дека наредната година Европа нема да влезе во рецесија, иако е јасно дека ќе има помал пораст отколку во оваа година. Но, очекувањата се дека како континент сепак нема да влезе во рецесија, особено не Германија, која е моторна сила на економијата во Европа - што значи дека можеме да се надеваме дека во годината што претстои сепак ќе имаме инвестиции, сепак ќе имаме одење напред и дека ќе има резултат од сите овие посети што ги направивме.
ДВ: Колку ги оценувате шансите, колку е реално германски фирми позасилено да се појават во Македонија?
Груевски: Ние во претходните денови и во Виена, и во Минхен, и тука во Диселдорф водевме поединечни, многу конкретни разговори со група од компании, дури и со одредени рокови, така што очекувањата ми се релативно високи, барем за таа група компании кои подолг период вршат истражувања на пазарот и сега веќе имаме конкретни разговори околу тоа, која локација би ја избрале, под кои услови би влегле и така натаму. Можам да кажам дека сега имав можност да сретнам најмалку 5-6 такви компании, да разговарам со нив околу многу детали за нивно влегување – и од тој аспект сум оптимист дека во текот на наредната година дел од нив ќе дојдат во Македонија и ќе почнат да градат фабрики.
ДВ: Претпоставувам дека станува збор за мали и средни претпријатија, веројатно и интересот е токму кај такви, бидејќи и сугестиите од германска страна беа во тој сегмент да се бараат партнерите за Македонија.
Груевски: Јас толку не сум оптоварен дали некоја компанија е голема или мала – гледам колку работни места ќе отвори. За мене е ирелевантно дали таа компанија е голема или мала. Наша задача, како влада, е да обезбедиме да дојдат колку што е можно повеќе компании и да отворат колку што е можно повеќе работни места. Ако е голема – уште поубаво, ако е големо име, тоа ќе придонесе за имиџот на земјата. Меѓутоа, ако не е голема, а отвори 1.000 или 1.500 работни места, тоа се 1500 семејства во Република Македонија, кои во овој момент немаат заработувачка, кои примаат социјална помош, кои се на работ на егзистенција. Тоа е нашата цел, тоа е нашата мисија.
ДВ: Зборуваме исклучиво за економски параметри. Дали можеби поради политичките проблеми странските инвеститори се воздржани, со оглед на тоа дека Македонија се‘ уште е надвор од ЕУ и НАТО – или воопшто немате впечаток дека тоа сега, во оваа фаза, се појавува како проблем за странско инвестирање?
Груевски: Влезот во НАТО и ЕУ сигурно ќе ни помогне во иднина, меѓутоа во овие разговори што ги имав ниту еден не го постави тоа како некаков проблем.
Извор: Дојче Веле
Автор: Зоран Јордановски
Редактор: Горан Чутаноски