Груевски: Поддршка за бизнисот, нови патишта и намалување на ДДВ
За поддршка на домашното стопанство во наредниот период ќе бидат реализирани бројни мерки и активности, најави мандатарот Никола Груевски, при презентацијата на Предлог-владината програма за периодот 2014-2018 година.
Меѓу најзначајните наброја нови 100 милиони евра поволни финансиски средства со субвенционирана камата од 5,5 проценти, докапитализација на МБПР со 10 милиони евра, наменети за производство за извоз, финансирање земјоделски производство и извоз и откуп, а ќе продолжи и проектот странски експерти за домашни компании.
- Владата ќе продолжи со политиките за создавање рамен и еднаков терен за фирмите и намалување на нелојалната конкуренција и сивата економија. Ќе се нивелираат и прекршочните санкции согласно економската моќ на фирмите преку измени на Законот за прекршоци. Приоритет ќе биде и развојот на системот на иновации, преку поддршка на македонските компании да ги зајакнат своите капацитети да инвестираат во нови технологии, иновации, истражување и знаење, рече Груевски.
Ќе следува, најави, и намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, за бебешки производи, училишен прибор и за добиточна храна и живи животни. Земјоделците ќе добијат нови 600 милиони евра субвенции, по 150 милиони евра секоја година. Ќе започне спроведувањето на десетгодишната стратегија за развој на нови и реконструкција на руинираните системи за наводнување вредна над 200 милиони.
Во делот на инфраструктурата, информира мандатарот, ќе се изградат 140 километри автопат, Демир Капија-Смоквица, Скопје-Штип, Кичево-Охрид и од Требиште кон Струга, како и 5 експресни патишта и 122 локални патишта со вкупна должина од 200 километри, и доизградба, рехабилитација и надградба на други 30 регионални патишта. - Пругата кон Бугарија продолжува да се гради, делницата Куманово-Бељаковце во периодот 2014-2016, а делницата Бељаковце-Крива Паланка од 2016, ќе се работи на проекти за железничко поврзување со Албанија, а ќе се инвестира и во поголем број на рехабилитации на железничката мрежа и станици и нови вагони и возови, наведе Груевски.
Според него, гасификацијата останува стратешки приоритет, и, како што рече, независно од предизвиците кои се јавуваат на ова поле, а кои не зависат од нас, продолжуваме со напорите и активностите за изградба на Националниот примарен гасификациски систем, на секундарниот дистрибутивен гасоводен систем за Скопскиот регион за кој веќе е објавен јавниот повик, и за источниот и западниот регион, како и со изнаоѓање решенија за обезбедување долгорочна гасификациска-енергетска стабилност.
- Во енергетиката приоритет ќе се даде на проектите: Подинска јагленова серија – Суводол, Рудник за јаглен Живојно, локалните наоѓалишта на јаглен во Берово, Делчево и Ресен, ревитализација и модернизација на ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, изградба на ХЕЦ Бошков Мост, акумулација „Луково Поле“ доколку еколошката студија го одобри, пумпно-акумулациона ХЕЦ „Чебрен, нови можности за развој на ТЕЦ Неготино,...., најави Груевски.