Дополнителни финансиски средства за тимовите вклучени во трансплантација

Владата на седница донесе мерка за обезбедување дополнителни финансиски средства за докторите кои се вклучени во процесот на трансплантација на органи (од жив донор и на кадаверична). Станува збор за средства за стимулација на тимовите односно за секое лице кое учествува во трансплантацијата во висина од две празнични дежурства за секоја трансплантација, дополнително од остварените работни часови. Дванаесет илјади ќе добие доктор, а по 6.000 денари медицинска сестра и помошен персонал.

Ова денеска на прес-конференција на Клиниката за урологија го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека паричната стимулација за тимовите е воведена откако на иницијатива на Министерството за здравство, изготвена е измена на Програмата за трансплантација, усвоена на седницата на Владата.

- За таа цел, само во текот на оваа година, предвидуваме вкупно 5,1 милион денари за стимулација на тимовите преку Програмата за трансплантација за извршени 10 кадавери и 25 пресадувања на бубрег од жив донор односно 1,4 милиони денари за стимулација на тимовите кои работат кадаверична трансплантација и 3,7 милиони денари за стимулирање на тимот за трансплантација на бубрег од жив донор, истакна Тодоров.

Целта, како што посочи, е да се постигне зголемување на бројот на трансплантации на органи и ткива од човечкото тело, како и зголемување на бројот на кадаверични трансплантации со што ќе се намали бројот на пациентите кои секојдневно одат да дијализа.
 
- Стимулирањето на тимовите е значајно имајќи предвид дека трансплантацијата е една од најтешките хируршки интервенции, а особено кога се работи за пресадување органи од кадавер. Станува збор за долги и комплексни интервенции кои не може да се планираат и не се закажуваат, туку често се случува да се работи ноќе, за празник, за викенди итн. Паралелно се прават две интервенции (едниот тим врши експлантација (вадење орган), а другиот тим ја врши трансплантацијата, рече Тодоров.

Нагласи дека во Република Македонија изминатиот период се извршени четири кадаверични трансплантации на бубрег (од кои последната е извршена на 15 јуни на Клиниката урологија) и 12 трансплантации од жив донор, а во следниот период се планира да се направат уште четири трансплантации од жив донор, а до крајот на годината се планирани вкупно 40 трансплантации од жив донор и 10 од кадавер. Вкупниот буџет за трансплантации за 2014 година, како што појасни, изнесува 49,6 милиони денари.

- Последните две години бележиме значително зголемување на бројот на трансплантации на органи. Во 2011 година биле извршени девет трансплантации, во 2012 година-23, а во 2013 година - 35 трансплантации од жив донор, рече Тодоров.

Потенцира дека на седницата на Владата донеле одлука со која предложиле измени на Законот за здравствено осигурување со кое предвидува сите дарители на органи и на ткива ќе бидат доживотно ослободени од партиципација.

- Се донесени измени и дополнувања на Законот за трансплантација, назначен е Национален координатор за трансплантација, а во тек е обука на тимови за трансплантација во најреномирани центри во странство. Се реализираат посети на реномирани тимови од Франција и Хрватска за обука на нашите доктори за трансплантации кои се уште не се прават кај нас, истакна Тодоров и додаде дека во меѓувреме е потпишан Договор со Универзитетот во Кембриџ со кој се овозможува тројца доктори од Македонија да одат на субспецијализација за трансплантација која опфаќа трансплантација на бубрези, на црн дроб, панкреас, но и мултитрансплантација (трансплантација на повеќе органи во ист период).

Укажа дека директорот на Клиниката за урологија Михаил Пенев го информирал дека од 1977 година (кога е направена првата трансплантација во Македонија) до март 2012 година се извршени 251 трансплантација, а од март 2012 година до денеска тој број е зголемен на 326 трансплантации.

- Од трансплантацијата има двоен бенефит - за пациентот, за неговото здравје и начинот на живот, но и финансиски бенефит за здравствените институции и целиот здравствен систем. Министерството за здравство и натаму останува фокусирано кон унапредување на методите за трансплантација на ткива и органи, со посебен акцент на трансплантација на бубрези и на црн дроб во јавното здравство. Со овозможување трансплатација на бубрези ќе се намали бројот на пациенти кои мораат да одат на дијализа и ќе се зголеми квалитетот на животот на овие пациенти, рече Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека пациентите на кои им била извршена кадаверична трансплантација се во добра здравствена состојба и упати апел до граѓаните да ја поддржат кадаверичната трансплантација и таа сериозно да заживее.

- Донирањето органи спасува живот и овозможува на луѓе кои се во тешка здравствена состојба да им се продолжи животот и да им се подобри животот, додаде министерот Тодоров.