Владата донесе нови мерки за социјално ранливите категории
Владата на денешната втора седница усвои сет мерки со кои ќе им се помогне на социјално ранливите категории на граѓани, а дел се однесуваат за лицата со попреченост.
Со првата мерка е предвидено на корисниците на социјална и постојана парична помош и лицата со ниски парични примања да им се изработат бесплатни елаборати за легализација на дивоградбите во кои живеат.
Како што истакна на денешната прес-конференција премиерот Никола Груевски, потенцијални граѓани кои ќе ја искористат оваа мерка се околу 34 илјади приматели на социјална помош и пет илјади на постојана парична помош. - За истакнување е дека со легализацијата на објектите во кои живеат примателите на социјална помош и постојана парична помош нема да ја загубат, додаде тој.
Втората мерка предвидува сите приматели на социјална и постојана парична помош да бидат трајно ослободени од плаќање радиодифузна такса. Со оваа мерка трајно ќе се ослободат околу 40.000 семејства, кои по усвојувањето на овој предлог-закон никогаш повеќе нема да плаќаат радиодифузна такса.
- Со денешното усвојување и дополнувањето на Законот за катастар на недвижности Владата ја задолжи Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност да изготвува геодетски елаборати за примателите на социјална и постојана парична помош и на лицата со ниски бруто примања до 168 илјади денари годишно во постапката на утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, односно постапката за легализација на дивоградбите, рече Груевски.
По усвојувањето на законот од страна Собранието на Република Македонија, како што појасни Груевски, примателите на социјална и постојана парична помош ќе треба да обезбедат потврда од центрите за социјални работи и потоа ќе може во подрачните одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности да поднесат барање за изготвување геодетски елаборат за легализација. Лицата со ниски примања пак, ќе треба да обезбедат потврда од Управата за јавни приходи и потоа да поднесат барање до Катастарот за изготвување геодетски елаборат за легализација.
- Со цел со ефектите од овој закон да бидат опфатени што поголем број лица се направи измена на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со кои се предвиде задолжително водење регистар од страна на општините за поднесени барања за легализација во електронска форма кој регистар ќе му помогне на Министерството за труд и социјална политика да ги детектира и потсети примателите на социјална и постојана парична помош кои немаат поднесено геодетски елаборати за легализација до општините да поднесат барање до Агенцијата за катастар на недвижности за изготвување на геодетски елаборат за легализација, појасни премиерот.
Со цел унапредување на состојбата на правата на лицата со попреченост и инвалидност, на денешната седница Владата донесе неколку одлуки со кои значително ќе се подобри животот на овие лица. - Една од мерките е во иднина сите градби кои ќе се градат да бидат проектирани и изградени со посебно место за непречено движење на лицата со инвалидност, рече премиерот Груевски.
Втората мерка како што појасни, предвидува секоја градба наменета за станбено домување во која има 10 или повеќе станови да биде приспособена за пристап и движење на лицата со попреченост, како и еден на 10 станови да биде прилагоден за живеење на лица со попреченост и инвалидност.
Со оваа мерка, додаде Груевски, се предвидува и хоризонтална и вертикална сигнализација во лифтовите за непречено движење на слепите лица.
Според третата мерка на Владата сите пешачки патеки и јавни површини кои ќе се градат во иднина треба да имаат и патека за движење на слепите лица.
Владата на минатата седница го усвои Законот за отпис на дел од долговите на граѓаните.