Груевски: Владата донесе нови мерки од интерес на граѓаните
Во духот на продолжување на интензивното темпо за реализација на проекти и мерки кои се од интерес за граѓаните и во насока на исполнување на дадените ветувања кон граѓаните, Владата на Република Македонија, на денешната седница, како и на претходните две седници, донесе одлуки за почеток на реализација за предвидените проекти од Програмата за работа на Владата.
Денешните мерки првенствено се од интерес за младата популација, за студентите, за младите брачни парови и за повозрасните лица.
На денешната владина седница Владата одлучи:
- Дополнително позитивно да се унапредат условите од проектот „Купи куќа купи стан“, односно да се намалат каматните стапки за субвенционираниот станбен кредит за граѓаните од 4,99% на 3,95% за првите три години од отплатата на кредитот и од 5,5% на 4,44% за четвртата и петтата година, за моделот кај кој се субвенционира дел од месечниот ануитет;
-да се започне со реализација на проектот Слободен четврток за студентите, со кој на студентите, секој четврток ќе им се овозможи бесплатна влезница за посета на претстави од областа на културата (опери, балети, концерти, театарски претстави, изложби и слично) и бесплатен превоз со Жичарницата до Водно;
-да се реализираат четири нови проекти од областа на железничкиот транспорт со кои ќе се обезбеди бесплатен превоз или попуст за превоз на определени групи на граѓани односно на студентите, младите лица до 27 години и повозрасните лица (жени над 62 години и мажи над 64 години).
Прво, Владата усвои измени на Законот за субвенционирање на станбен кредит, со кои се намалуваат каматните стапки за субвенционираниот станбен кредит за граѓаните од 4,99% на 3,95% за првите три години од отплатата на кредитот и од 5,5% на 4,44% за четвртата и петтата година, за моделот кај кој се субвенционира дел од месечниот ануитет. Со овие измени месечната рата за граѓаните ќе се намали за околу 1.800 евра вкупно за првите пет години од отплатата на кредитот, за кредит од 50.000 евра за купување на стан, односно за изградба/купување на куќа. Во однос на комерцијалните кредити, граѓаните кои ќе аплицираат за субвенциониран станбен кредит ќе остварат каматни заштеди од 2.000 до 3.000 евра. Трошоците за намалување на каматните стапки ќе се надоместат од Буџетот на Република Македонија. Со овие измени дополнително се подобруваат условите за субвенционираните станбени кредити преку проектот „Купи куќа, купи стан“.
Со претходните измени на Законот од февруари 2014 година се овозможи добивање на субвенциониран станбен кредит и за лица кои имаат во сосопственост најмногу до половина стан, односно куќа стекнати по основ на наследство. Со тоа им се излезе во пресрет на граѓаните кои имаат наследен дел од стан/куќа, а кој не е доволен за решавање на станбеното прашање, да имаат можност да аплицираат и да дојдат до сопствен дом. Исто така, со измените се зголеми прагот на максималните месечни приходи, кој е еден од условите за добивање на субвенција, и тоа од 900 на 1.300 евра за лицата кои се во брачна заедница, додека за лицата кои не се во брачна заедница остана прагот од 900 евра. Притоа, под приход се подразбира само приходот од плата, а не дополнителни надоместоци. Со овие најнови измени уште повеќе позитивно се влијае на обезбедување на поволни услови за решавање на станбеното прашање за граѓаните, што од своја страна има придонес и за позитивно влијание врз квалитетот на животот и развојот на семејството.
Второ, Владата на Република Македонија донесе одлука за започнување на реализација на проектот Слободен четврток. Проектот подразбира можност студентите, секој четврток да ги посетуваат програмите на културните установи, опери, балети, концерти, театарски претстави, изложби и слично, без никаков надомест, што значи дека тие добиваат право за бесплатна влезница за посета на овие уметнички манифестации, секој четврток. Слободниот влез на културните настани се однесува на содржини кои се во продукција на Установите од културата.
Согласно со проектот „Слободен четврток“, студентите покрај слободниот пристап до културните содржини, ќе имаат и слободен пристап на Жичарницата која води до Милениумскиот крст каде се предвидува бесплатен превоз на студентите до Милениумскиот крст во четврток.
Целта на оваа мерка е културните добра да станат достапни до младата публика со цел градење и јакнење на културните навики кај младата популација, градење на квалитетна и едуцирана публика и секако масовна посета на културните содржини во Република Македонија.
Трето, Владата на денешната седница донесе одлука со која се предвидува воведување на бесплатен железнички превоз или пак попуст на картата за железнички превоз за определени категории на граѓани. Целта е овозможување на поголема пристапност на услугите до овие категории на граѓани, подобра мобилност и зголемување на искористеноста на возните средства во железничкиот сообраќај.
Со оваа владина одлука се обезбедува:
-бесплатен превоз за време на викенд (односно за деновите петок, сабота и недела), за повозрасните лица (жени над 62 години и мажи над 64 години) за превоз во железничкиот сообраќај, и тоа секој втор викенд во месецот, значи еден викенд месечно;
-бесплатен превоз за време на викенд (односно за деновите петок, сабота и недела) за младите лица до 27 години, и тоа секој трет викенд во месецот, значи еден викенд месечно;
-попуст од 50% на картата за железнички превоз за учениците и студентите;
- и целосно бесплатно патување, секој четврток за студентите.
Со оваа одлука на голема бројка од граѓаните, особено помладите кои статистички гледано се и повеќе корисници на овие услуги, им стануваат подостапни услугите во железничкиот превоз. Оваа мерка преставува континуитет на заложбите на Владата за инвестирање во железничкиот сообраќај. Доколку се земе во предвид и почетокот на реализацијата на проектот за обезбедување на нови превозни средства за железничкиот сообраќај, за кои вчера се потпиша договор, и модернизирање на железничката инфраструктура, позитивното дејство на оваа наша одлука добива повеќе на значење.
Цениме дека овие ново донесени мерки ќе придонесат за подобрување на позицијата на граѓаните и позитивно ќе влијаат на задоволувањето на нивните потреби и интереси. Владата и во иднина ќе продолжи со интензивното темпо на реализација на Програмата и ветувањата и со спроведување на мерки и проекти кои се од интерес за граѓаните.