Груевски: Реализација на три клучни проекти од програмата за Катастарот
Три суштински измени на Законот за катастар, најави денеска премиерот Никола Груевски при посетата на Велес.
Првата е можност за бесплатна изработка на елаборати за легализација на дивоградби за околу 40.000 лица приматели на социјална помош и постојана парична помош. Тие ќе имаат можност своите дивоградби да ги легализираат без да го платат трошокот за елаборатот.
Втората значајна измена е воведување регистар на цени на пазарот на недвижности. Во него, како што појасни премиерот Груевски, ќе се внесуваат сите цени на сите продадени недвижности во Република Македонија.
- Тие ќе бидат ориентир на компаниите и граѓаните за движењето на цените во таа област, кои ќе бидат достапни електронски за да може секој да ги види, рече Груевски.
Третата клучна измена на Законот за катастар е создавањето електронски шалтер на Катастарот, кој што ќе им помогне на граѓаните да ги соберат потребните податоци.
- Досега имаше електронско поврзување на Катастарот со нотарите, а отсега ќе има и со судовите, обвинителите и со матичната евиденција, како и со поголем број други институции во државата кои имаат потреба од катастарски податоци. Така што, Катастарот и огромен број институции, ќе бидат електронски поврзани. Услугите од Катастарот ќе се користат по електронски пат што значително ќе ја забрза работата во услужувањето на граѓаните, појасни Груевски.