Груевски: По 35 години набавка на нови возови
За една година се очекуваат новите гарнитури за превоз на патници во железничкиот сообраќај, за кои Владата на РМ во Скопје потпиша договор со кинеската корпорација CSR, еден од најголемите производители на возови во светот.
Премиерот Никола Груевски денеска во Велес соопшти дека согласно со договорот, CSR веднаш ќе почне производството и оти би требало за една година да се донесат и пуштат во употреба новите гарнитури за патнички возови.
- Во оваа област не се инвестирало и 35 години не се купиле патнички вагови и локомотиви. Првпат по 35 години се инвестираат околу 25 милиони евра. Четири се дизел и две се електро локомотиви и со нивната набавка ќе се замени 60 отсто од постоечките вагони и локомотиви во патничкиот сообраќај. Вагоните ќе бидат климатизирани, со вакуумирани тоалети, со добра топлотна изолација, и за зимски и за летни месеци, ќе бидат модерни, современи, удобни. Нешто што во овој момент го нема Македонија, а можеме да го почувствуваме само кога патуваме во побогатите европски држави, рече Груевски.
Дополнително, со 15 милиони евра почна набавка и на товарни вагони, а со уште 10 милиони евра ќе се оспособат гарнитурите на постоечките возови, така што вкупната инвестиција за обнова на целиот возен парк на „МЖ Транспорт“ а.д. е 50 милиони евра.