Кабинетот на премиерот ќе ангажира советници и лица на раководни позиции за реализација на обемната програма
Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, денеска објавува два јавни повици, од кои првиот за пријавување на интерес за ангажирање на лица на раководни позиции во Канцеларијата на претседателот на Владата, и вториот за пријавување на интерес за ангажирање на лица за позициите советници на претседателот на Владата во поедини области.
И двата јавни повици ќе траат до 14 јули 2014 години, период во кој сите лица кои поседуваат квалитет и способност, и имаат соодветно образование и професионално искуство можат да аплицираат и да се стекнат со правото да бидат избрани за вршење на работите. Процедурата за апликација е идентична за двата јавни повика. Се аплицира единствено по електронски пат преку интернет страната на Владата на Република Македонија. Кандидатите и во двата случаја треба да приложат и тоа по електронски пат:
-пополнета електронска апликација која може да се најде на интернет страната на Владата, и која ќе биде поставена од утре (сабота, 28.06.2014 година)
-лична биографија (CV) на кандидатот (не подолго од 5 страници)
-мотивациско писмо (не подолго од 2 страници)
-дипломи и сертификати.
Прво, Во однос на првиот јавен повик за пријавување на интерес за ангажирање на лица на раководни и нераководни позиции во Канцеларијата на претседателот на Владата би сакале да истакнеме дека се бараат лица за ангажирање во следните 5 области:
1.Странски инвестиции – нерезидентни промотори. Кандидатите во оваа област ќе бидат со седиште во Република Македонија, но е потребно да бидат флексибилни за патувања во странство. Делокругот на работа на овие лица ќе опфаќа меѓу другото и изнаоѓање на нови странски инвестиции и извозни можности, и поддршка на постоечките, презентирање на инвестициските потенцијали, предлози за разрешување на постоечките и тековни предизвици во областа и друго. Кандидатите треба да имаат најмалку 5 години работно искуство
2.Поддршка на домашната економија. Основни работни задачи и одговорности на лицата ќе се комуникација со домашните компании, координирање на странските консултанти, стручна и логистичка поддршка на домашни компании, подготовка на анализи, месечни и квартални планови за работа. Кандидатите треба да имаат најмалку 5 години работно искуство.
3.Човечки ресурси. Работните задачи би опфаќале и раководење со процесите на регрутација и селекција, координирање на проекти поврзани со областа на човечките ресурси и јавната администрација, креирање и одржување на генерички обуки и друго. Кандидатите треба да имаат најмалку 5 години работно искуство.
4.Протокол, со работни задачи меѓу другото и за координирање и организација на настани, состаноци, билатерални средби, и други настани. Кандидатите треба да имаат најмалку 3 години работно искуство.
5.Правници, кои би имале за задача анализирање на постоечката законска регулатива и креирање на предлози за потребни реформи, измени и дополнувања, координација со различни ресори по однос на нови законски решенија, компаративна анализа на македонската регулатива со регулативата на Европската Унија на нормативно-правно ниво, и проценка на влијание на регулативата. Кандидатите треба да имаат најмалку 10 години работно искуство.
Бројот на лица кои ќе бидат ангажирани не е лимитиран, и ќе зависи од способностите и квалитетот кои ќе ги прикажат кандидатите кои ќе аплицираат за позициите. Познавањето на други странски јазици покрај англискиот, особено официјалните јазици на Европската Унија и Обединетите нации не е задолжително, но ќе се смета за предност. Ние ги охрабруваме кандидатите кои своето образование го комплетирале на еден од првите 100, односно првите 200 Универзитети од техничките науки согласно Шангајската листа, како и студентите со просек над 8.50 од домашните Универзитети да се пријават на овој оглас.
Второ, во однос на вториот јавен повик за ангажирање на советници на претседателот на Владата на Република Македонија, се содржат позиции за следните 13 области:
-Советник за политички прашања;
-Советник за Европска Унија;
-Советник за надворешни работи;
-Советник за животна средина;
-Советник за рударство и минерални суровини;
-Советник за култура;
-Советник за економија, претприемништво, индустрија и иновации;
-Советник за земјоделство;
-Советник за правосудство и администрација;
-Советник за енергетика;
-Советник за транспорт и врски;
-Советник за информациони технологии и телекомуникации и
-Советник за локална самоуправа.
Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно искуство и соодветно образование за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително познавањето на англискиот јазик. Предност ќе имаат кандидатите со завршен втор или трет циклус на студии. Кандидатите потребно е да имаат лични успешни резултати во областа за која аплицираат, да веруваат во сопствениот капацитет, да поседуваат вештини за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност, силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување на значајни структурни реформи во земјата и остварување на политиките на Владата. Избраните кандидати ќе бидат именувани за советници од страна на претседателот на Владата.
И двата јавни повика се доказ за отвореноста на Владата и давањето на еднакви шанси на сите граѓани кои поседуваат квалитет и способност за ангажман на позиции преку кои се спроведуваат политиките, мерките и проектите кои носат корисност за сите граѓани на нашата земја. Може да аплицираат сите квалитетни и способни кадри независно од нивната национална и верска припадност, или пак политичка ориентација. Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет.