Започна реконструкцијата на Милениумскиот крст
Проектот за реконструкција и адаптација на Милениумскиот крст кој започна денеска, се очекува да заврши за девет месеци, а со неговата реализација е предвидено овој простор целосно да се уреди за одмор и за рекреација на посетителите.
На официјалниот почеток на градежните работи за реконструкција и адаптација на Милениумскиот крст присуствуваа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева и директорот на ЈСП-Скопје, Мишо Николов.
Реализацијата на овој проект, како што изјави министерот Јанакиески, е резултат на одличната соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Град Скопје.
Тој ги спомна и неколкуте проекти кои Министерството за транспорт и врски и Владата на Република Македонија ги имаат реализирано на планината Водно, а како најважен за идниот период ја посочи изградбата на втората делница од Жичарата на Водно, од Средно Водно до Скопје, која треба да биде готова до 2018 година.
Градоначалникот Трајановски рече дека станува збор за проект со кој ќе се зголемат содржините, а со тоа и атрактивноста на Милениумскиот крст за неговите посетители.
- Овој проект опфаќа градежни работи со што ќе се добие целосна антикорозивна заштита на челичната конструкција на Милениумскиот крст, демонтажа на постојниот и изградба на нов панорамски лифт со придружни простории и елементи, поставување електрични инсталации, опрема и агрегат, изградба на фекална канализација и санитарни јазли, како и регулирање на водоснабдувањето до Милениумскиот крст и изградба на водоводна мрежа, изјави Трајановски.
Милениумскиот крст, како што додаде, е еден од најважните објекти на Водно. - Со реализацијата на проектот за реконструкција и адаптација на Милениумскиот крст овој простор ќе биде целосно уреден и ќе понуди различни содржини за одмор и за рекреација на посетителите, рече Трајановски.
На терен на реконструкцијата и адаптацијата на Милениумскиот крст ќе работат екипите на градежната компанија „Турбо инженеринг“, а за реализацијата на овој проект ќе бидат вложени околу 70 милиони денари, а градежните работи треба да завршат за девет месеци.
Додека траат градежните работи за реконструкција на Милениумскиот крст просторот околу крстот ќе се огради, а жичницата до врвот на Водно ќе работи непречено.