Груевски: Ицијативата за измена на Уставот ќе значи нов квалитет и повисоки стандарди

Почитувани,

Владата на Република Македонија на последната владина седница донесе предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија во повеќе области, во насока на уставно допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и целисходно функционирање на системот.

Измените околу кои се предлага да се пристапи треба да овозможат нов квалитет, прецизирање на соодветните области, економско зајакнување и поставување на повисоки критериуми во функционирањето на системот.

Уставните измени кон кои предлагаме да се пристапи се однесуваат на 8 функционални целини, и тоа:

1. Промена на називот на Народната банка на Република Македонија,

2. Дефинирањето на бракот како заедница меѓу маж и жена,

3. Воведување на институтот Уставна жалба,

4. Промена на составот на Судскиот совет на Република Македонија,

5. Промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за  одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на Република Македонија за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд.

6. Прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг.

7.  Создавање на Уставна можност за формирање на финансиска зона.

8.  Пристапување за измени на Уставот на РМ, со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

Првата измена се однесува на Народната Банка на Република Македонија која е едно од обележјата за независност на државата, одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.  Поаѓајќи од ова нејзина суштинска улога, целта на измената во овој сегмент е да се интервенира во називот на оваа институција во насока на нејзино реименување во Банка на Република Македонија.

 

Втора измена. Во функционирањето на уставниот систем на Република Македонија од донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година до денес, се наметнува потребата од јасно и прецизно уставно дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

Измените на Уставот на Република Македонија ќе овозможат попрецизно дефинирање на брачната заедница, поради што се наметнува потребата од измена на овој член и тоа во насока со кој ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

Уставната заштита и јасната дефиниција на бракот ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното воспитување во семејна средина каде носечки дел се родителите, односно таткото и мајката, со истовремена поддршка на улогата на самохраните родители.

Третата измена се однесува на создавање на можност за воведување на институтот Уставна жалба. Во Република Македонија на граѓаните досега не им стоеше на располагање овој институт кој е претходно воведен во повеќе држави. Неговата цел е да се зајакне заштитата на човековите права и слободи дефинирани во Уставот.

Со оваа иницијатива се предлага воведување на надлежност на Уставниот суд на Република Македонија да одлучува по уставна жалба, изјавена против поединечни акти или дејствија на државните органи, единиците на локалната самоуправа или носителите на јавни овластувања со кои се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на: дискриминацијата, правото на живот, тортура, правото на слобода на човекот, пресумпцијата на невиност и фер судење, слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање, слободното основање институции за јавно информирање, слободата на вероисповедта, слободата на здружување, почитувањето и заштитата на приватноста, на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот, како и правото на слободно движење, доколку се исцрпени или не се предвидени други национални правни средства за нивна заштита.  Воедно, со закон ќе биде уредена постапката за поднесување на уставна жалба, која ќе може исклучиво да ја поднесат само физички и правни лица на кои им се повредени претходно наведените слободи и права, како и рокот за поднесување на уставната жалба.  

Со можноста орган во Република Македонија да одлучува за заштитата на правата на граѓаните се воведува силен механизам за заштита за уставно загарантираните права и слободи, и ќе се влијае на намалување на тужбите до Судот за човекови права во Стразбур.

Четвртата измена се однесува на составот на судскиот совет на РМ.

Во 2005 година беше усвоен Амандманот XXVIII во кој е уредена материјата за составот на членовите на судскиот совет и нивниот мандат. Со наведениот амандман Советот го сочинуваат петнаесет члена. По функција членови се и претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда. За ова досега имаше отворена дебата и забелешки од релевантните субјекти.

Осум члена на Советот се од редот на судиите и ги избираат судиите на тајни и непосредни избори. Од овие осум члена тројца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Исто така, во Судскиот совет има и тројца членови кои ги избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Покрај наведените членови, во составот на Советот има и два члена кои ги предлага претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Во однос на членовите кои не се од редот на судиите, е пропишано дека членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Токму заради унапредување на судскиот систем воочена е потребата за унапредување на положбата на судската власт преку имплементирање на највисоките европски стандарди. Во таа насока, се предлага промена на составот на Судскиот совет на Република Македонија и зголемување на бројот на судии членови на Судскиот совет избрани од страна на судиите. Имено, со оваа иницијатива се предлага промена на составот на Судскиот совет во однос на исклучување на членовите по функција – министерот за правда и Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија од составот на Судскиот совет.

Исто така, се предлага зголемување на бројот на членови на Советот кои се избираат од редот на судиите, односно се предлага постојниот број од 8 да се зголеми на 10.

Зголемувањето на бројот на судиите членови на Судскиот совет се предлага заради натамошно јакнење на независноста на судството.

Наведените измени се предлагаат заради усогласување со меѓународните стандарди во областа на правосудството кои се преземени во најголемиот број европски држави, како и исполнување на Препораките на ГРЕКО. Со тоа ќе се зајакне независноста и самостојноста на судската власт, посебно во процесот на избор и разрешување на судии.

Петата измена се однесува на промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на Република Македонија за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител.

Имено, со предложената иницијатива се предлага воведување надлежност на Уставниот суд да одлучува по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на Република Македонија за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител.

Еден од меѓународните стандарди во сферата на независноста на судството е оној кој гарантира дека при одлучувањето за дисциплинските санкции судијата има право да поднесе жалба до повисока судска институција.

Шестата уставна измена кон која предлагаме да се пристапи се однесува на воведување на уставно дефиниран максимум до кој може да се движи буџетскиот дефицит и лимитирање на јавниот долг. Република Македонија иако успешно се справи со светската економска криза со оваа иницијатива се има намера во Уставот превентивно да се вградат механизми коишто гарантираат фискална дисциплина и стабилност, тргнувајќи од најдобрите европски практики по примерот на земјите кои извршија уставни измени во оваа насока и тоа: Германија, Шпанија, Словенија, Австрија, Полска, Италија, и други.

Во насока на создавање на силна финансиска дисциплина нашиот предлог е нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до 3% од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60% од БДП.

Ова ќе преставува нов квалитет, и силна гаранција, дефинирана со Устав, за оваа или било која идна Влада, домаќински да се однесува со буџетот, и дефицитот, како и јавниот долг да биде на стабилно и одржливо ниво. Ова е согласно заложбите за креирање на економски напредок и функционирање на економски стабилен систем.

На патот кон Европската Унија, Овие механизми согласно потребата од измена на Уставот и законите ќе се имплементираат при подготовката на Буџетот на Република Македонија за 2017 година. 

Седмата измена, е создавање на Уставна можност за формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоките меѓународни стандарди. Со создавањето на финансиската зона ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Република Македонија преку создавање на услови за  привлекување на меѓународни финансиски трговски друштва. Со оваа можност се отвора вратата на сериозни и големи финансиски трговски друштва кои би биле во функција на креирањето на економски развој.

Осмата измена се однесува на Државниот завод за ревизија за кого предлагаме пристапување за измени на Уставот на РМ, со цел дефинирање на ДЗР како уставна категорија.

Реализацијата на оваа измена е во насока на јакнење на независноста на оваа институција.

Почитувани,

Предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија е насочена кон подобрување на работата на институциите, воведување нови повисоки стандарди и овозможување на дополнителни услови за економски развој и просперитет. Очекуваме пошироката и експертска јавност да се вклучи во овој процес, и со аргументи и издржани дискусии да се извлече најдоброто за државата и сите нејзини граѓани.