Груевски-Нарухито: Политичка поддршка за интензивирање на економската соработка
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 30.06.2014 година) во Токио, оствари средба со јапонскиот принц Нарухито, со што започна официјалната посета на македонската владина делегација на Царството Јапонија.
Соговорниците позитивно ги оценија политичките односи меѓу двете земји и ја истакнаа позитивната соработка и на билатерален и на мултилатерален план.
Позитивно беше оценет и континуираниот политички дијалог на највисоко ниво помеѓу двете земји и постоењето на нагорна линија во развивањето на билатералните односи.
Премиерот Груевски и принцот Нарухито ја истакнаа значајноста на продлабочувањето и интензивирањето на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите, за кои цели постои политичка поддршка.
Претседателот на Владата Груевски ги истакна политичките приоритети на надворешен план, и информираше за поволностите и предностите кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори за отворање на капацитети и водење на бизнис, при што ја нагласи интенцијата на македонската Влада за привлекување и на јапонски инвеститори и компании чии планови се ширење на своите бизниси и пазари во Европа.
Во пресрет на презентацијата која треба да ја правиме за поголем број на јапонски компании и во пресрет на средбата со премиерот на Јапонија, ја почнав посетата на Јапонија со средба со принцот Нарухито со кого се среќавам втор пат. Тој е исклучително влијателен човек во Јапонија, со кого што разменивме информации околу политичката и економската соработката помеѓу Македонија и Јапонија, и можностите за нејзиното продлабочување особено на економски план. Со оглед дека се работи за личност која е во постојана комуникација со најголемите политички и економски авторитети во Јапонија, беше многу важно да го информирам за деталите за правење бизнис во Македонија, за политичкиот моментум и за нашите следни чекори и на политички план односно европските и евроатлански интеграции, и на економски план во однос на одличната бизнис клима која ја искреиравме и условите за правење бизнис како на домашните така и на странските компании, истакна премиерот Груевски по средбата.
Двете страни разменија и мислења за интензивирање на соработката и на полето на образованието, здравството и културата и во сите други сфери од заеднички интерес.