Груевски-Абе: Одлични политички односи, интензивирање на економската соработка
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 01.07.2014 година) во Токио, оствари средба со премиерот на Царството Јапонија, г-дин Шинзо Абе.
Соговорниците позитивно ги оценија политичките односи на билатерален и на мултилатерален план. Беше истакнато задоволство и од практиката на одржување на средби на највисоко политичко ниво. Во рамките на дваесетгодишните дипломатски односи двете земји континуирано ја унапредуваат соработката, истакнаа двајцата премиери.
Премиерите на двете земји истакнаа заложба и личен ангажман за унапредување и продлабочување на економските односи, економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.
Премиерот Груевски информираше за нашите стратешки определби за европските и евроатланските интеграции, и за реформите кои се спроведуваат во насока на обезбедување на поволна бизнис клима за странските инвеститори и општо за развој на економијата.
Премиерот Груевски ја иницираше и темата околу можностите за склучување на билатерални договори за одбегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите.
Премиерот Абе позитивно ги оцени економските реформи кои ги спроведува нашата земја, истакнувајќи дека истите тие реформи се потврдени со резултати, и дека поволностите и мерките кои ги нудиме се охрабрувачки за анализи и размислувања за јапонските инвеститори при креирањето на одлуки за проширување на нивните бизниси.
Соговорниците се согласија дека во интерес на двете страни е продолжувањето на соработката преку Јапонската агенција за интернационална соработка (ЈИЦА), и дека и во иднина ќе се реализираат заеднички проекти од овој делокруг. Беше акцентиран проектот за довршување на колекторскиот систем на Охридското Езеро.
Стана збор и за продлабочување на односите на полето на образованието, преку стипендирање и размена на студенти од двете држави за студии на универзитетите во двете држави.
Позитивно беше оценет и почетокот на соработката во областа на здравството, за едукација и тренинг на докторите и медицинскиот персонал.
На полето на културата се разговараше за проширување на културната соработка преку нови форми и можности за промоција на културите во двете земји.
Беше констатирано дека соработката на мултилатерален план во Обединетите Нации е позитивна и дека е во интерес на двете страни.
На средбата со јапонскиот Премиер заклучивме дека политичката соработка помеѓу Македонија и Јапонија е одлична на секаков план, и на билатерален план, и на мултилатерален план преку поддршка во Обединетине Нации на различни иницијативи на двете страни со поддршка едната на другата. Практично зборувавме доста за економскиот дел, за она што вчера го презентиравме пред инвеститорите и компаниите од Јапонија. Ги објаснив предностите кои Македонија ги има за правење бизнис кај нас и заеднички се согласивме дека тоа се одлични односи и дека е оправдано нашето доаѓање за објаснување на предностите што ги даваме за инвестирање во нашата земја. Разговаравме и за другите видови на соработка, соработката во образованието каде што Јапонија го зголемува бројот на стипендии за студенти од Република Македонија, и за секаков вид на друга соработка, во областа на културата, во областа на економијата каде што најмногу се задржавме, така што можам да кажам дека средбата беше одлична и продуктивна и се надевам дека сите овие наши напори да привлечеме повеќе компании во Македонија ќе вродат со плод, истакна премиерот Груевски по средбата.