Од 15 септември почнува практична имплементација на Законот за медицинските студии
Со почетокот на новата академска година, од 15 септември почнува практична имплементација на Законот за медицинските студии и континуирано стручно усовршување на докторите по медицина, кој беше донесен минатата година. Тоа е една многу крупна реформа која треба да овозможи подигнување на нивото на квалитет на здравството во Македонија како резултат на подигнување на нивото на квалитет на знаења, вештини и ставови на студентите односно докторите кои ќе завршат по овие нови програми.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека од оваа година студентите кои се запишани на студии по медицина ќе имаат нов систем на студирање, кој подолго време се применува во западно-европските земји, особено во Германија, кој е креиран како резултат на долгогодишни истражувања и реформа која е направена претходно во таа држава меѓу германски и американски професори.
Посочи дека програмите по Законот, донесен минатата година со кој комплетно беше редефиниран системот за студирање на медицинските факултети во Македонија, се акредитирани и не очекува да има проблем при стартување на новиот концепт.
- Меѓу главните новини е тоа што првпат ќе има поделба на студиите по медицина на претклинички (во првите две години) и клинички дел (во следните четири години), меѓу кои ќе има период во кој студентите треба да положат еден екстерен текст организиран од Лекарската комора на Македонија, кој се состои од писмен, устен и практичен дел. Писмениот дел се состои од 4.000 прашања направени врз основа на искуствата на ваков тип прашања на системи каде функционира ваков концепт на студирање на медицинските факултети, рече Тодоров.
Се предвидува, нагласи министерот, практична тримесечна обука за болничко згрижување преку волонтерска работа во здравствената установа во која се врши специјалистичко консултативна и болничка здравствена дејност и тоа поделена во два сегмента - првите 45 дена во првиот период по втората година меѓу претклиничката и клиничката настава и вторите 45 дена по завршување на клиничката настава односно по вторите четири години, а пред полагање на вториот дел од стручниот испит.
На овој начин, рече, фокусот го ставаме на практична работа односно надградба на стекнати теоретски знаења и усовршување на вештини на идните доктори на медицина, за да не се случи да има доктор од медицина со завршен Медицински факултет, а да нема никакво практично искуство во работа со пациенти. Појасни дека во тој период од три месеци тој ќе мора да научи да работи со пациенти особено во делот на грижа за пациенти, однос кон нив, земање крв, организација на здравствен систем итн.
- Се предвидува и стекнување комуникациски вештини на студентите за соодветно однесување кон пациентите и колегите, задолжително познавање и изучување на предмети по англиски јазик (ќе има еден предмет англиски јазик во претклиничкиот и во клиничкиот дел), формирање медицински симулациски центар каде ќе вежбаат студентите по медицина и користење литература која се користи на првите 100 рангирани универзитети на Шангајската листа, како и други значајни новини, истакна Тодоров.
Тој потенцира дека доколку не се положат сите предмети од претклиничкиот дел (во првите две години) и не се положи стручниот испит не може да се продолжи со вториот дел од студирањето на Медицинскиот факулет. Во Законот, појасни министерот, се предвидува и полагање на испит за прва помош кој опфаќа обука за прва помош и напредни знаења и вештини за спасување лице во животно загрозувачка состојба.
- Станува збор за една суштинска реформа која сум убеден дека ќе донесе многу позитивни резултати во здравстениот систем, поголемо ниво на задоволство на пациенти, подобро обучени лекари кои ќе бидат побрзо подготвени да се вклучат во реалната работа, ќе можат полесно да комуницираат со нивни странски колеги и ќе се едуцираат во врвни здравствени установи во светот, додаде Тодоров.