Могерини: Италија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија
Италија како земја претседавач со Европската унија верува дека интeграцијата на земјите од Западен Балкан е од стратегиски интерес на Унијата и мора да остане во сржта на еврпската политика. Тоа е наш интерес во однос на стабилноста, просперитетот, економијата и затоа интегративниот процес нема да биде целосен пред приемот на сите земји од Западен Балкан.
Ова го истакна италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.
Италија, како што нагласила Могерини на средбата со Попоски, ќе продолжи да биде силен поборник за процесот на проширување на Унијата, и оти Македонија може да смета на натамошна активна поддршка од Рим за почнување на пристапните преговори.
Таа вели дека е свесна оти името е круцијално прашање, но не е во рацете на Италија која ќе даде помош во преземањето напори за негово решавање.
Запрашана кои конкретни чекори Италија ќе ги преземе за надминување на спорот со Грција, Могерини вели дека и јавните изјави претставуваат ангажман.
- Во некои фази и давањето изјави од официјални лица во јавноста претставува само по себе политичка порака. Ова прашање се одвива во рамките на Обединетите нации и ние го охрабруваме тој процес, како и дејствувањето на двете засегнати страни, рече Могерини.
Во меѓувреме, порача Могерини, Македонија треба да се фокусира на реформите во земјата и внатрешниот дијалог.
Министерот Попоски, пак, посочи дека италијанското претседавање со ЕУ го покажува патот за интегрирање на регионот што е важен сигнал за Македонија бидејќи евроинтеграцијата нема алтернатива.
Тој се осврна на фактот дека за Македонија во повеќе наврати се одлага почетокот на преговорите поради недостаток на согласност од страна на сите земји-членки на Унијата. Во тој контекст го повтори и македонското залагање за почитување на меѓународните правни обврски.
- Сметам дека е потребна посветеност од сите страни и од сите земји-членки кон исполнување на меѓународно-правните обврски и задржување на основните вредности и принципи врз кои е заснована Унијата, рече Попоски.
Тој воедно истакна уверување дека Македонија останува посветена на спроведувањето на сите реформи и почеток на преговорите. Во разговорите со Могерини, рече, упатил и порака која е значајна за нас, а тоа е дека ЕУ треба да продолжи со воспоставената пракса за решавање на билатералните спорови во текот на пристапниот процес.
- Сметаме дека е значајно ЕУ да го прави тоа што најдобро го прави, а тоа е создавање на стандарди за мирна, обединета и економски развоена Европа, а во пракса е покажано дека таа цел се постигнува доколку билатералните проблеми се решаваат во процесот на пристапување кон ЕУ, порача шефот на македонската дипломатија.
Двајцата министри констатирале дека земјите имаат цврсти врски, и на полето на културата, економијата и заеднички интерес е тие и понатаму да се унапредуваат.
Италија е петта на листата на земји со кои Македонија остварува економската размена.
Могерини денеска ќе се сретне и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски, како и со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.
Посетата на Македонија е дел од балканската турнеја на италијанската министерка за надворешни работи Могерини во својство на претседавач со ЕУ.