Премиерот Груевски се сретна со генералниот секретар на Светската туристичка организација, Талеб Рифаи
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 29 јули 2014 година) оствари средба со генералниот секретар на Светската туристичка организација, г-дин Талеб Рифаи.
Соговорниците разменија мислења околу стратегијата на државата за развивање на туризмот, предлог мерки и активности кои се реализираат за стимулација и негово промовирање и јакнење на капацитетите на тој план.
Премиерот Груевски посочи дека оваа посета е добра можност за споделување на најдобрите светски искуства, но и можност да се истакне дека туризмот во Македонија е гранка со голем потенцијал за раст. Премиерот Груевски посочи дека Владата посветува особено внимание на неговиот развој и на промоција на Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација во Европа, за што е формирано и посебно владино тело Комитет за туризам чија задача е токму унапредување на оваа дејност. Бројните мерки кои се преземаа на тој план придонесоа туризмот во Република Македонија да е еден од брзо растечките сектори во Македонија, истакна Груевски. Тој посочи дека на тоа поле се преземаат повеќе мерки и инвестиции, како што се намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за туристичките услуги, субвенционирање на организиран странски туристички промет и субвенционирање на нискобуџетни летови до повеќе дестинации во Европа, развивање на концепт за туристички развојни зони, реализирани се бројни проекти за подобрување на туристичката инфраструктура преку изградба и реконструкција на патишта, плажи, скијачки терени и др.
Премиерот Груевски истакна дека се работи и на обезбедување на подобрување на туристичките услуги и туристичката инфраструктура. Предвидени се повеќе проекти за развој на алтернативниот, руралниот, како и бањскиот, здравствен и рекреативен туризам.
Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи ги поздрави напорите и мерките кои ги презема Владата, како и особеното внимание кое го посветува за унапредување на туризмот. Тој посочи дека Светската туристичка организација стои на располагање за соработка и развој на потенцијалите во сферата на туризмот.