Средба на премиерот Груевски со јапонскиот престолонаследник, Нарухито

С О О П Ш Т Е Н И Е

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска (среда, 30 ноември 2011 година) во Палатата на Крунскиот принц во Токио, оствари средба со Неговото Царско Височество крунскиот принц Нарухито, престолонаследник на царот Акихито, што претставува прва средба на македонски премиер со висок претставник на Јапонското царско семејство.

Премиерот Груевски изрази задоволство што за прв пат од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји во 1994 година, премиер на Република Македонија доаѓа во посета на пријателска Јапонија и искажа искрена благодарност за топлиот прием и срдечната гостопримливост.

На средбата, премиерот Груевски уште еднаш изрази сочувство до јапонскиот народ за големиот број на загубени животи и огромната материјална штета од природната катастрофа што ја погоди Јапонија во март 2011 година, како и од проблемите кои се јавија во нуклеарната централа Фукушима.

Притоа, укажа дека Владата на Република Македонија, како гест на солидарност со трагедијата што и се случи на пријателска Јапонија и во рамките на своите можности, исто така се вклучи во хуманитарните напори на меѓународната заедница за поддршка на Јапонија.

Премиерот Груевски нагласи дека Република Македонија високо ја цени проактивната и значајна улога на Јапонија во Азија и во светот во целост, како и нивната независна и мирољубива надворешна политика.    

Во рамките на значењето што Република Македонија го придава на унапредувањето на севкупните односи и соработката со Јапонија, премиерот Груевски го информираше престолонаследникот Нарухито дека македонската Влада има донесено одлука на крајот на 2012 година да биде отворена Амбасада на Република Македонија во Јапонија.

Премиерот Груевски изрази благодарност за досегашната финансиска и техничка поддршка од Јапонија, реализирана меѓу другото и преку активностите на Јапонската агенција за меѓународна соработка во Република Македонија.

Притоа, премиерот Груевски укажа на потребата од фокусирање на развојот на односите на економската соработка, јакнење на трговската размена и иницирање и зголемување на јапонските инвестиции во Македонија и во тој контекст го информираше престолонаследникот Нарухито дека во рамките на посетата се организирани два бизнис-форуми, во Токио и Осака, со цел презентација на македонската економија, условите за водење бизнис, водечките индустриски сектори и приоритетите на националната економија во глобалните светски економски текови.

Двајцата соговорници изразија задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји кои ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање, и притоа се нагласи дека оваа посета дава голем оптимизам за текот на идната соработка меѓу двете пријателски земји во насока на натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, а особено во економската сфера.