Отворени податоци од институциите за граѓаните и бизнис секторот
Граѓаните и бизнис секторот имаат можност за слободен и бесплатен пристап до податоци од јавен карактер без технички или законски ограничувања преку порталот www.otvorenipodatoci.gov.mk што го промовираше денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Според Ивановски, станува збор за значаен проект на МИОА со цел да се обезбеди поголема транспарентност во функционирањето на институциите, ефикасност на администрацијата и реискористување на податоците за развој на економијата.
- Искуството што го има Европската унија со отворањето на податоците покажува фантастични економски параметри кои со реискористувањето на податоците од државните институции достигнуваат и до 60 милијарди евра во претходната година. Очекуваме дека приватниот сектор во Македонија ќе ја искористи оваа можност да ги користи овие податоци и да направи комбинирани дата сетови за да можат после тоа граѓаните да ги искористуваат, а со тоа и приватниот сектор да има приход, рече Ивановски на прес-конференција.
Граѓаните, укажа, веќе нема да доставуваат формулари до институциите за добивање податоци според Законот за пристап до јавни информации, односно ќе ги добиваат веднаш преку портолот.
Со проектот се опфатени вкупно 82 податочни сетови од 11 институции: агенциите за катастар на недвижности, за електронски комуникации и за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, министерствата за животна средина и просторно планирање, за финансии и за економија, како и од државните инспекторати за труд, за земјоделство, пазарниот, санитарниот и управниот инспекторат.
- За граѓаните можеби најинтересни би биле податоците за Буџетот на РМ и ребалансот што е во тек, како еден од позначајните сетови на Министерството за финансии, од Агенцијата за електронски комуникации за преносливост на броеви и одобренија за користење на радиофрекфенции, од МЖСПП за дозволи за складирање, третман и преработка на отпад... Имаме податоци од Државниот пазарен инспекторат од квартални извептаи за извршени инспекциски надзпри, од Трудовиот инспекторат исто така..., наведе министерот Ивановски.
На порталот www.otvorenipodatoci.gov.mk се ставени сите дата сетови кои институциите ги имаа во електронски формат. Останатите институции, според Законот за пристап до информации од јавен карактер, се обврзани своите податоци да ги направат електронски достапни за сите граѓани.
На новaта платформа ќе бидат пренесени 21 институција со 110 податочни сета, кои претходно ги имаа отворено податоците во отворен формат и беа линкувани до централниот сајт за отворени податоци. - Во наредниот период се очекува постојано зголемување на бројот на институции и податочни сетови во отворен формат за создавање нови услуги, содржини и апликации, односно искористување на иновацискиот потенцијал на отворените податоци, истакна Ивановски.