Потврдeна соработката во одбраната меѓу САД и Македонија
Македонија е подготвена да биде дел од следната мисија во Авганистан „Одлучна поддршка“, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски на средбата со секретарот на морнарицата на САД, Реј Мабус, кој денеска раговараше и со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.
- Имавме мошне продуктивни средби со секретарот Мабус. Соработката во областа на одбраната е одлична и изразивме заемна подготвеност таа и понатаму да се развива. Разменивме мислења за натамошниот ангажман на АРМ и за успешното завршување на мисијата на ИСАФ. Исто така ја изразивме нашата спремност да продолжиме да бидеме дел од следната мисија во Авганистан „Одлучна поддршка“, истакна министерот Јолевски по средбите во МО.
Македонските и американските војници и НАТО силите заедно влегоа во Авганистан и заедно ќе се повлечат, посочи министерот за одбрана, кога авганистанските безбедносни сили ќе бидат способни да ја преземат целосната одговорност за мирот и стабилноста во Авганистан.
- Еден од најголемите докази за пријателството и стратешкото партнерство меѓу двете земји е тоа што нашите војници рамо до рамо се борат за зачувување на мирот и просперитетот во други во светот како што е Авганистан. Нашите припадници со учеството во овие мисии, како и во мисијата во Ирак, многу научија и придонесоа за мирот и стабилноста насекаде во светот, рече Јолевски.
Го информирал американскиот воен претставник за определбата на Македонија да стане членка на НАТО и за реформите што ги правиме во оваа насока.
Јолевски и Мабус разговарале и за заедничкото учество на припадници на АРМ и на маринците во воени вежби.
- Со задоволство можам да констатирам дека добивме понуда наш офицер да оди на школување на една од престижните воени академии - тоа е Академијата на маринците, а исто така разговаравме да се искористат можностите за натамошна соработка и за зајакнување на Воената академија на АРМ. Икажавме благодарноста за поддршката што САД ја дава во модернизацијата на АРМ, посочи министерот за одбрана.
Секретарот на морнарицата на САД, Реј Мабус истакна дека дошол во Македонија со цел да ја истакне важноста на партнерство и на соработката меѓу Македонија и САД.
- Имав одлични средби со претседателот на Република Македонија, со премиерот и со министерот. Како што истакна и министерот нашата соработка и начинот на којшто соработуваме и заедно работиме и во Ирак и во Авганистан се од клучно значење за нас. Македонските војници во многу наврати досега го покажаа нивниот огромен професионализам во начинот на работа. И фактот дека Македонија изјави дека ќе остане со нас во Авганистан и по 2014 е од многу големо значење и во содржински и симболично, истакна Мабус.
Ќе се погрижиме, рече тој, да не ги изгубиме научените лекции кои што ги стекнавме од нашата заедничка работа во Авганистан.
- Токму поради тоа се важни вежбите. Една од нив штотуку заврши е вежбата „Платинест волк“ во која учествуваа припадници од неколку земји, меѓу кои и од Македонија, а исто такво значење ќе имаат и двете вежби закажани за следната година, истакна секретарот на морнарицата на САД.
Секретарот Мабус, кој ја извршува должноста од 2009 година, е одговорен за извршување на работите од делокругот на Департманот на морнарицата, вклучувајќи го и маринскиот корпус.