Груевски: Наскоро огласот за граѓаните за отпис на долговите
Кон средината на август ќе излезе огласот за граѓаните кои ценат дека ги исполнуваат условите предвидени во Законот за отпис на долговите. Тие ќе имаат рок од 30 дена да ги поднесат документите со кои ќе го докажат тоа што се бара согласно Законот и ќе добијат еднократен отпис на долгови, најави денеска премиерот Никола Груевски.
- Во меѓувреме, преку медиумите Владата ќе врши интензивно информирање на граѓаните со цел некој од нив да не не ги види овие рокови и не сакајќи да ги пропушти. Тоа се главно примателите на социјална помош и постојана парична помош, како и други категории, рече премиерот Груевски, одговарајќи на прашање по доделувањето решенија за легализација на бесправно изградени објекти во општина Кисела Вода.
Тој појасни дека во средата Собранието го усвои Законот за отпис на долговите, а во петокот излезе огласот за компаниите кои треба да се вклучат.
- Очекувмае сите кои се во план, како ЕВН Македонија, Топлификација, банките и поголем број други субјекти, да се вклучат и апелирам до нив тоа да го направат и што поскоро да се пријават и на тој начин да ја покажат својата општествена одговорност, потенцира Груевски.