Обраќање на премиерот Никола Груевски на Пелинце
Денес одбележуваме 70 години од АСНОМ и 111 години од Илинденското востание.
Денес на овој историски ден, сакам да изразам почит кон сите генерации, кои во различни периоди во нашата историја, низ различни предизвици, делејќи судбини и давајќи големи жртви, се изборија за суверена, самостојна и независна Македонија. Нивниот сон е наша реалност! Нивната жртва е наша обврска!
Чест и слава за нашите херои!
Чест и слава за нивната жртва!
“Не постои лесен пат до слободата (до сонот), и многумина ќе поминат низ солзи и крв, повторно и повторно се додека не се стигне до заветот голем колку и жртвата, тоа е слободата”. Така веруваа нашите херои.
Ние мора да учиме од нашето минато, и мора да опстоиме и продолжиме со наша жртва за историјата, и за иднината.
Ние не смееме да отстапуваме од патот кои тие го трасираа. Колку и да е тешко, колку и да се појавуваат препреки, ние мора да ги совладуваме и мора да бидеме цврсти и посветени на она што е наша визија и наш сон.
Кузман Јосифовски Питу, еден од главните идеолози на народноослободителната борба и еден од нејзините главни идеолози во тоа време ќе рече „....На 2 август 1943 година се навршуват 40 години како избувна славното ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ, откако заврши херојската Илинденска епопеја на македонскиот народ... Денеска, кога македонскиот народ се најдува пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба појке от секојпат да свети пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја, да створат се от себе за остваруење на еден нов, последен и победоносен Илинден...”
Татнежот на двата Илиндена се слуша и денес, нивната порака е цврсто втемелена во она што сме и во она што го работиме.
Затоа честа е голема, заеднички да го одбележиме 2-ри август денот кој е симбол на македонската борба за слобода, на борбата за права и правдини, борбата за самостојност, државност, еднаквост и мирен живот на сите кои Македонија ја нарекуваат и длабоко ја чуствуваат за свој дом.
Ова е еден од најубавите и најголемите македонски и државни празници! Денес одбележуваме 70 години од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ и 111 години од Илинденското востание. Денес на многумина им навираат спомени, им навираат солзи, се мешаат чувства на гордост, патриотизам и љубов кон татковината.
Овие два Илиндена сведочат за развој на една идеја која во себе ги крие најдлабоките чуства на луѓето кои тука живееле и се бореле за нејзе.
Од сон до сонце! Сонот за кој што тие се бореле е слободата која ја живееме денес!
И тоа биле цели генерации на луѓе,...цели генерации наши предци од сите етнички заедници, култури и религии. Кои имале заеднички сон и заедничка визија.
Затоа денес слободно можеме да кажеме дека она пто го изградиле нашите предци во минатото е нашиот најцврст темел врз кој што ја градиме нашата иднина!
Затоа сме тука ние, следните генерации, за да остане траг, да се потсетиме, да заблагодариме, да ги пренесеме овие вредности и историски пораки до нашите поколенија, да вреднуваме, да прославиме.
Да се говори за нашите победи како нација, како граѓани, како држава, да се знае дека сме биле на правата страна на историјата, и дека нашите победи сами сме ги извојувале, и затоа се поголеми во делото и позаслужни...
Ние бевме дел од антифашистичката светска коалиција. Ние правата, цивилизациските права, самостојно ги извојувавме, и затоа никој не може да ни ги присвои, одземе или укине! Темел на тоа се 26.000 животи кои ги положивме во светлото на слободата, нашите борци за слобода во антифашистичката борба. Ние имаме обврска тие права да ги браниме!
Методија Шаторов Шарло, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов - Ченто, Панко Брашнаров, Петре Пирузе - Мајски, Страшо Пинџур, Емануел Чучков, Кирил Петрушев, Лазар Соколов, Михаило Апостолски, Киро Глигоров, Кемал Аголи, Венко Марковски, Кочо Рацин и уште многу други знајни и нејзнајни револуционери, партизани и носители на народноослободителната борба. Уште многу лични приказни и судбини, лица кои стоеја достоинствено и храбро еден до друг, зад нивната идеја и нивниот сон.
Почитувани,
Сакам да го искористам овој празник за да пратам неколку пораки. Вакви празници кога се сеќаваме на вистински дела, на жртва, на труд и постојанство, се најдобриот момент кога можеме потсетувајќи се на минатото да говориме за сегашноста и иднината, и да испратиме јасни пораки за нашите позиции и нашата визија.
Драги браќа и сестри,
Ние сме Македонци! И зборуваме македонски јазик! Имаме наша, автентична, македонска култура! И немаме никакви претензии кон Грција или кој било друг наш сосед, ниту пак сакаме да наштетиме на кого било. Ние сакаме мир, сакаме слобода, сакаме просперитет на нашите граѓани.
Ние сакаме правда!
Многумина ќе речат нема правда во политиката, нема правда во животот. Не е така. Луѓето ја создаваат правдата! Од луѓето зависи дали ќе бидат правични или не. Луѓето носат одлуки, и луѓето знаат да направат разлика за тоа дали едно дело е добро или лошо. Тие се моралниот суд, и тие знаат многу добро која е вертикалата која ги движи.
Проблемот на Македонија не е само наш проблем. Тоа е европски проблем! Ако некој мисли дека со игнорирање на овој проблем ќе создаде решение длабоко се лаже. Проблемот на Македонија, кој го лимитира нејзиниот прогрес е проблем кој стимулира нетрпеливост, стимулира несогласувања, стимулира нестабилност, создава предизвици. Игнорирањето, само го помага проблемот да се зголемува и продлабочува, а не го решава.
Европа не смее интересот да го става над принципите и над вредностите! Така само ги потхранува скептиците кои демнат над нејзината причина за постоење, и темелите на кои таа треба да почива.
Честопати во говорите на европските лидери слушаме цитати од де Гол, Аденауер, Моне, Шуман, Черчил, Маргарет Тачер, Роналд Реган, Линколн, Кенеди или други.
Но суштината на сите нивни постапки, на сите овие лидери и државници кои ги споменав, не е во убавиот речник и во историските говори и фрази по кои се познати и по кои се цитирани. Суштината е во нивното делување, во нивните конкретни дела, постапки, вредности кои ги застапувале. Нивните изјави без делата не би имале никакво значење.
Цитатите немаат значење ако зад нив не стојат дела.
Време е Европа да погледне со поголемо внимание кон нас, и време е да ги оправда цитатите кои ги кажуваат нивните лидери низ историјата.
Да се признае јавно од некои од нив дека треба да се преговара за името и за идентитетот, во ситуација кога да се негира нечиј идентитет е рамно на бришење на една нација, е погубно и сам показател, колку рамнодушно или пак површно или неспремно се пристапува кон ова прашање.
Да се молчи кога некој негира постоење на еден јазик, кој треба да се гледа како богатство, но никако како закана, е само уште еден показател за еден вредносен систем кој е ставен пред сериозен тест. И ова не го велам претенциозно, предимензионирајќи ги работите. Не. Ова го велам одговорно.
Со сета почит кон сите европски лидери, и кон нивните аргументи, и со сето разбирање дека во некој момент и ние имаме наши грешки, предизвици, сепак, не смее да се игнорира фактот дека ова што и се случува на Македонија е далеку од вредностите за кои се залагаат и на кои почива Унијата. За која слобода, правда и еднаквост ќе говорат тие ако гледаат како јасно се негира нечија друга слобода, еднаквост и правда!?
Ние не сме воопшто наивни, но Македонија има јасна стратешка зацртана цел. Членство во ЕУ и во НАТО. И за тоа има сериозни и длабоки причини, меѓу кои што и вредносни.
Споменувањето на проблемот јавно не е доволно. Потребно е конкретно дело. Ние сме подготвени за разговори, и за изнаоѓање на решение, но навистина е трагично како никој не може да ги убеди нашите соговорници да седнат на маса со нас, и колку тоа претпазливо и срамежливо го кажуваат, па како тоа се појавуваат некакви квази аргументи кои треба да ја покријат нивната немоќ да предизвикаат решение. Најлесно е очигледно да се купува време, затоа што времето е практично интересот.
Факт кој го покажуваат со своите постапки, е дека интересите се над вредностите.
Кога ќе се појави проблем, потоа најлесно е да се впрегне машинеријата и да се обвини некој дека е виновен за проблемот. Тие никогаш и не се.
Ние мора да се бориме за нашите правдини. Тоа очигледно е нашата судбина како народ. Ние знаеме кој сме и каде одиме. Ние само бараме внимание,и праќаме порака дека без разлика на исходот, ние до крај ќе останеме достоинствени на нашите верувања и вредности.
Почитувани,
Би сакал денес да упатам порака до нашите политички опоненти од опозицијата.
Немојте да им давате аргументи на сите оние кои ги бараат за да ни направат штета да не закочат во нашите планови и во нашите заеднички стратешки цели.
Ајде да седнеме и да разговараме отворено и директно како понатаму. Сакате да поставите барања. Во ред. Но поставете разумни барања, јас ветувам дека ние како гарнитура сме спремни разумните барања да ги прифатиме.
Македонија има многу поголеми предизвици од дневно - политичките интереси на поединци или на некои групи, кои не можат да се помират со нивната позиција во општеството и кои срамно се поставуваат над се.
Нема да дозволам тие интереси да надвладеат.
На нашиот политички конкурент му кажав и повторно ќе му кажам независно на природната конкуретност меѓу нас мора да има мостови меѓу нас, времињата не се воопшто едноставни за државата. Ако во нас има вина зошто се срушени, ние сме спремни да ја прифатиме нашата одговорност и да ги градиме повторно, но и тие да ја согледаат и испитаат сопствената улога и да помогнат во градењето на тие мостови. На граѓаните им е потребно тоа. На Македонија и е потребно тоа.
Лажните експонирања се само резултат на лична слабост и немање на капацитет. Лажните вредности, и силења, се резултат на состојба на заробен ум, заробен од суета, и личен страв.
Ние не се плашиме од ништо.
Ние сакаме да одиме напред.
Ние сме должни тоа да го овозможиме на нашите сограѓани.
Драги пријатели,
Сакам да испратам порака до сите оние кои ги ставаат на тест меѓуетничките односи.
Ова не е 2001. Ниту пак може да биде. Немојте да злоупотребувате нешто што е вака сериозна и емотивна тема.
Немојте да барате причини за создавање проблеми. Причини за проблем ако некој сака, секогаш може да најде или да смисли. Ајде заеднички да покажеме дека можеме да живееме сложно и со почит. Јас ќе продолжам да бидат посветен на прашањето на меѓуетничките односи, и ние нема да дозволиме ситни провокатори кои одработуваат за туѓи или лични интереси, кои многу добро ги знаеме, многу добро, да потпалуваат и да и наштетуваат на државата и на соживотот во него.
Делото на Кемал Аголи, Камбер Хасан, Абдула Алија, Неџат Аголи, Ибе Паликуќа и други Албанци, и останати кои се вградени во оваа држава е посилно од намерите на некои кои гледаат само личен интерес.
Албанците се составен дел од оваа држава. Нивната култура и традиција е додадена вредност на нашето општество. Исто како што се тоа и Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците, и сите останати граѓани на оваа држава. Исто како што сме тоа и ние, Македонците. Ова е наша држава. Заедничка. Ние немаме резервна татковина и ние мора Македонија да ја градиме врз основа на вредности, принципи, почит и разбирање. Само така ќе можеме да докажеме секаде дека може да се живее заедно и дека универзалните вредности се реални.
И ако некој ме праша која е нашата цел? Нашата цел е да се бориме со сета наша сила, која Бог ни ја дал, до последниот наш атом,зедно со сите вас, граѓани на Македонија, да создадеме подобар живот во нашата татковина. Да се бориме силно и посветено за нашите заеднички вредности, без разлика на сите неправди и предизвици пред кои стоиме. Ние ќе се бориме! Вие сте со нас! Јас го знам тоа! Вие сте со нас! Со нашата борба, во која сме секој ден, за нов проект, за нова реформа, за ново работно место, за нов пат, училиште, болница, субвенции, повисоки плати, пензии, стипендии, повеќе можности и шанси, повеќе успеси, поквалитетен живот. Вие сте со нас во оваа борба и ние сме горди на тоа! Ние не се откажуваме! Македонците се народ кој не се откажува! Граѓаните на Македонија се луѓе кои не се откажуваат. Не. Ние сме народ кој се бори! Кој знае дека мора да се оди напред и ова е најдобриот ден да се потсетиме на тоа! Борба! Тоа е она што треба да го правиме! Сите ние, од сите етникуми и вери, сплотени, борба за подобар живот!
Иднината на Македонија зависи од нас, од нашата мотивираност, од нашиот труд, од нашата визија за тоа каде сме и каде се гледаме. Нашата задача не е само да ја зачуваме оставината од нашите прадедовци, туку и силно да ја надградиме. Се што правиме не смееме да заборавиме дека ќе влијае на иднината. Одговорноста за она што ќе им го оставиме на следните генерации е само наша, на сите нас и со истата мора да сме подготвени да живееме и да се носиме. Јас сум целосно свесен за тежината на таа одговорност. Како што бев уште во 2006тата и сеуште сум свесен дека многу работи треба и мора да се променат. Треба да смениме некои практики и навики од минатото. Иднината на Македонија е наша заедничка. Нашите судбини се испреплетени. Без оглед на верата, етничката или политичка припадност. Го делиме и доброто и лошото. Заедно ги доживуваме и радоста и тагата. Нека тоа дополнително не сплоти, а таа сплотеност нека не направи посилни.
Почитувани сограѓани,
Делата на поединецот ја чинат иднината на сите. Зошто ние не сме два милиони поединци, ние сме неразделна заедница која ја споделува истата судбина. Во ова наше созревање осознавме дека не секогаш е лесно да се остварат желбите и соништата, но исто така знаеме дека напорната работа и беспоштедниот труд, со сигурност повеќе не доближуваат до истите. Водени од оваа мисла, така и ќе продолжиме. Препреките кои ги имаме верувам дека не се ненадминливи. Можеби истите на момент се фрустрирачки и демотивирачки, но нема да дозволиме тие да не изместат од темпото да оствариме подобар животен стандард, побрз развој на државата, похармонично општество и подобар живот за сите граѓани во Република Македонија и пред се отворање на нови работни места во Македонија. Она што е до нас, е да продолжиме неуморно да работиме. Да ја надградуваме и развиваме земјата. Тоа природно ќе не доведе до нашите цели и приоритети. Македонија природно и вредносно припаѓа на европското семејство.
Почитувани граѓани, драги сонародници,
Секој 2-ри август Македонија се сеќава на тежината со која е стекната нашата слобода, нашата самостојност, нашата државност. Можноста да бидеме овде, да бидеме слободни, да ви се обратам на македонски јазик, се должи на минатото, на големиот број дадени животи, на мноштвото изгубени генерации. Она што денес е наше секојдневие, за нив било само копнеж и недостижен сон.
Токму затоа, со почит ги спомнуваме нивните имиња денес и ветуваме дека нема никогаш да паднат во заборав. Тие своето УТРЕ несебично го дале за да ние имаме наше ДЕНЕС, а ние нашето ДЕНЕС да го вложиме за подобро УТРЕ на генерациите кои доаѓаат и кои ќе не наследат.
Се што правиме ние, или ќе прави некој утре, треба да биде сигурен дека е пред се за доброто на Македонија. Зашто ова што го имаме денес не е само наше, ниту пак е само за сега. Го имаме благодарение на минатото и поради тоа треба да го чуваме како нешто безвременско, нешто што припаѓа колку на нашата, толку и на минатите и идните генерации Македонци и граѓани на Република Македонија. Она што е до нас, е да оставиме нешто вредно, нешто позитивно, нешто по што ќе не паметат долго, или барем да се потрудиме во оваа насока.
Само она што е искрено и од срце сработено за Македонија ќе остане да сведочи за љубовта која една генерација ја чувствувала кон својата татковина, токму онака како што ние денес ги чувствуваме генерациите на кои е посветен овој празник.
ОД СОН ДО СОНЦЕ! ОНА ШТО ГО ИЗГРАДИЛЕ НАШИТЕ ПРЕДЦИ ВО МИНАТОТО Е НАШИОТ НАЈЦВРСТ ТЕМЕЛ ВРЗ КОЈ ШТО ЈА ГРАДИМЕ НАШАТА ИДНИНА! СОНОТ ЗА КОЈ ШТО ТИЕ СЕ БОРЕЛЕ Е СЛОБОДАТА КОА ЈА ЖИВЕЕМЕ ДЕНЕС! ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА СЕ ДВИЖИМЕ НАПРЕД КОН СИГУРНА ИДНИНА, ЗАТОА ШТО СЕКОЈА НАША ПОБЕДА ДЕНЕС Е НОВ ИЛИНДЕН ЗА ИДНИТЕ ПОКОЛЕНИЈА!
Нека е аирлија денот.
Нека ни носи среќа Свети Илија.
Ура за Макеоднија
Да живее 2 Август
Да живее споменот, вредностите и енергијата на АСНОМ и на Илинденското востание
Да живее Илинден
Вечно да го славиме овој ден
Да живее Република Македонија
Да сте живи и здрави
Ви благодарам.