Детските одморалишта на продажба - можност за интензивирање на туризмот

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев     

Почитувани,

Една од стратешките определби на Владата на Република Македонија е реализација на политиките за раст и развој на туризмот, која се карактеризира со поголем број на мерки и активности, од чија што имплементација во последните неколку години имаме позитивни резултати за што најголем показател е континуираниот раст на дејноста и растот на бројот на туристите.

Со цел продолжување на оваа позитивна практика, со цел давање на можности за збогатување на туристичката понуда, ослободување од дел од несуштинскиот имот кој е во сопственост на државата, и давање на можности за компаниите за започнување на бизнис, остварување на приход и вработување на граѓани, Владата ја усвои програмата и акцискиот план за овозможување на влез на приватен капитал и приватна иницијатива во дел од поранешните детски одморалишта.

Овозможувањето на влез на приватен капитал ќе се изврши преку отуѓување, односно продажба на имотот кој се наоѓа во овие детски одморалишта, кои се сега вон употреба, имот кој е во сопственост на Република Македонија, а чиј корисник е Министерството за труд и социјална политика.

Се работи за детското одморалиште Малешево Берово со вкупна површина од 4001 м2, детско одморалиште Пелистер Битола со вкупна површина од 5229 м2, потоа детско одморалиште Николиќ Дојран со вкупна површина од 6089 м2, детско одморалиште Ѓуриште Свети Николе, со вкупна површина од 1060 м2, детско одморалиште Суви Лаки Берово со вкупна површина од 3446 м2, како и одморалиштето Горно Водно Скопје.

Согласно планот, во втората половина на месец август 2014 година е предвидено да излезе, или групен или поединечен, јавен оглас за продажба на овие шест претходно наведени детски одморалишта.

Проценката на цената на одморалиштата е утврдена од Бирото за судски вештачења, а за максимална транспарентност при продажбата е предвидено истата да се одвива преку електронски систем по пат на јавно надавање, односно преку електронска јавна аукција. Сите детали поврзани со одморалиштата ќе бидат објавени во јавниот оглас кој треба да излезе кон средината на месец август. Имотот кој ќе биде продаден ќе стане сопственост на купувачот кој ќе понуди највисока цена, и тој на истиот имот ќе може да организира свој автохтон бизнис и истиот самостојно да го води и да обезбедува приходи. Битно е да се напомене дека на имотот кој ќе биде купен, новиот сопственик односно претприемачот ќе може да организира единствено бизнис од дејноста туризам. 

Ова е добра можност за развој на бизнисите, и затоа ги охрабруваме сите заинтересирани компании во овој период од 20 дена до објавувањето на огласите да ги проучат можностите за инвестиција, да направат бизнис проценки и да аплицираат на огласот кој ќе биде објавен. Во Министерството за труд и социјална политика може да се добијат консултации, одговори на прашања и давања на податоци кои се од интерес за потенцијалните инвеститори.

Овие детски одморалишта во минатото имале свој бренд, и денес можеби избледен тој бренд се уште постои, населението кое живее во овие региони има искуство со работа во дејноста туризам, а локациите на кои се наоѓаат овие одморалишта кои се предмет на продажба и дел од инфраструктурата во нив даваат можност за реализација на бизнис и работа во сферите на планинскиот, алтернативниот, руралниот или езерскиот туризам, што дава можности за доходовен бизнис за компаниите кои би инвестирале и можност за отворање на нови работни места.