Македонија и Литванија ја интензивираат соработката во земјоделството
Директна, непосредна соработка на институционално ниво, но и во делот на производството, безбедната храна, ветеринарството, фитосанитарните контроли и науката, договорија денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговиот литвански колега, министерот за земјоделство Казис Саркевичиус.
Димовски и Саркевичиус на билатералната средба во Скопје разговараа и за интензивирање на размената со оглед дека Литванија е особено заинтересирана за увоз на македонско вино и зеленчук.
- Оваа прва посета на литвански министер за земјоделство во Македонија е многу добра можност да почнеме сериозна соработка. Со колегата Саркевичиус имавме конструктивен разговор пред се во делот на воспоставувањето непосредни, директни контакти меѓу министерствата. Договорена е и соработка во контролата на прехранбените производи, меѓу надлежните институции, агенциите за храна и ветеринарство, како и меѓу агенциите за финансиска поддршка, изјави Димовски по средбата.
Македонија воедно ќе има можност да ги користи литванските искуства во приближувањето кон ЕУ и исполнувањето на потребните критериуми, но и праксата на формирањето земјоделски кооперативи и задруги.
- Околу 20 проценти од нашиот вкупен извоз отпаѓаат на земјоделството. Сепак, како земја лоцирана северно, имаме потреба од градинарски производи, а бидејќи македонското производство е одлично, би сакале да увезуваме повеќе. Очекувам количините догодина да се зголемат, рече Саркевичиус.
Министерот Димовски го запозна со состојбите во македонското земјоделство и го информира за спроведените реформи кои, како што истакна, трета година по ред добиваат највисока оценка од Европската комисија. Виното, градинарските производи, тутунот и овошјето Димовски ги посочи како стратешки кои освен на домашниот, успешно се пласираат и на странските пазари. Извозот на земјоделски производи од Македонија во 2006 година бил 242 милиони евра, а лани достигнал 424 милиони. Годинава, пак, сумата надминала 500 милиони евра.
- Зборувавме за сите сектори при што заедничка е констатацијата дека нема никави пречки за интензивирање на соработката, подвлече Димовски.
Двајцата министри договорија и соработка меѓу универзитетите, како и воспоставување студентска размена, настапи на македонски компании на Саемот за земјоделство во Литванија во мај и други дополнителни активности за продлабочување на односите. Димовски повика заинтересирани литвански фирми од агросекторот да ја посетат земјава за да се уверат во нејзините инвестициски можности.
Саркевичиус по средбата замина во посета на откупно-дистрибутивниот центар „Агрокор“, а, како што најавија од Кабинетот на министерот Димовски, ќе има можност да види и повеќе винарски визби и фарми.