Голем интерес за приватни старски домови и градинки
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Во изминатиот период Владата на Република Македонија воспостави и промовираше специјален пакет на поволности со кои се овозможуваат погодни услови за влез на приватен капитал во изградбата и стопанисувањето со домови за стари лица и со детски градинки.
Согласно владината одлука, во тој пакет како поволности за приватните инвеститори беа предвидени:
-продажбата на градежното земјиште кое согласно деталните урбанистички планови е предвидено со намена за изградба на домови за стари лица и за детски градинки да се врши со почетна цена од 1 евро за метар квадратен;
-се дава можност посебно посочени објекти од општините да се дадат под долготраен закуп или понудат за јавно–приватно партнерство, концесија или да се продаде имотот, и преку интервенции и адаптации на објектите да се отворат домови за стари лица и детски градинки;
-намалување на цената на комуналните такси за 95%;
-обезбедување на поволни кредитни линии со субвенционирана каматна стапка од 5,5 % преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) за изградба на установи за стари лица и детски градинки;
-поволности што се нудат преку Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) во делот на активните политики за вработување.
Притоа сакам да посочам дека последните две поволности, поволните евтини кредити од МБПР и активните мерки за вработување на АВРМ, можат да бидат користени и од страна на претприемачите кои допрва ќе донесат одлука да влезат во овој бизнис, да изградат објект, да стопанисуваат со бизнисот, да вработат лица, но и од страна на оние претприемачи кои веќе водат ваков бизнис во случај да сакаат да направат градежни работи за проширување или реконструкција на објектот или пак да вработат нов кадар.
Информациите и фактите говорат дека овој проект на Владата има позитивен развој и наидува на добар прием и одѕив кај приватниот бизнис, и има добар прогрес во неговата реализација. Во оваа смисла, сакаме да информираме дека во соработка со општините, веќе се посочени 35 локации наменети за изградба на приватни домови за стари лица и 55 објекти кои со интервенција или адаптација можат да се користат за оваа намена. Исто така, посочени се и 23 локации на кои може да се изградат приватни детски градинки и се посочени 14 објекти кои би можеле со определени интервенции да се користат за отворање на приватни детски градинки.
Сите овие податоци за локациите и за објектите со сите информации кои се од интерес за темата се веќе поставени и може да се видат на интернет страницата на Министерството за труд и социјална политика. Во Министерството функционира и бесплатен телефонски број 15 505 на кој може да се добијат одговори на прашања за сите теми и аспекти на овој процес, како и разни информации од интерес на инвеститорите.
За преземените мерки и поволности, и за можностите за отворање бизнис во оваа сфера досега интерес да инвестираат во изградба на домови за стари лица пројавиле 55 домашни и странски физички и правни лица, а 28 домашни или пак странски инвеститори се заинтересирани за изградба на детски градинки.
Во рамките на овој проект сакаме да информираме дека во тек е постапка за продажба на градежно земјиште по почетна цена од 1 евро за метар квадратен во општината Илинден со вкупна површина од 9968 м2, и со површина за градба од 4486м2. Постапката за пријавување е во тек и крајниот рок за пријавување е 18.8.2014 година. Министерството за труд и социјална политика во втората половина на август ќе објави повик за продажба на објект во општина Пехчево со намена за отворање на приватен дом за стари лица. Во третиот квартал од годината се очекува и општина Неготино да распише постапка за продажба на градежно земјиште кое ќе се продава по 1 евро за метар квадратен, и на кое ќе биде предвидено да се изгради дом за стари лица. Постапката пак за продажба на градежно земјиште во општина Аеродром кое е наменето за изградба на дом за стари лица е завршена, и се очекува во наредниот период отпочнување на градежните работи. Странски инвеститор е во финална постапка за добивање на објект во општина Богданци, кој треба да биде пренаменет за отворање на дом за стари лица. Во тек се и постапки за основање на приватни установи за социјална заштита на стари лица во општините Гостивар, Струмица, Крушево, Карпош и Аеродром. Сето ова говори за квалитетот на проектот и за добрите можности за водење бизнис во оваа сфера, но дава и корист за старите лица бидејќи се обезбедуваат услови за нивен квалитетен прием и згрижување.
Во однос пак на делот на изградба и стопанисување на детски градинки има сериозен интерес и заинтересирани инвеститори за изградба на детски градинки во општините Аеродром, Гостивар, Центар Жупа и Битола, со кои во тек се разговори и се преземаат активности за обезбедување на локација.
Владата ги повикува сите заинтересирани инвеститори од областа на приватниот бизнис да се запознаат со условите кои се нудат, да ги проучат и да направат анализи за потенцијален влез во дејноста, и на тој начин да остварат корист за својот бизнис, и да овозможат отворање на нови работни места и на вработување на нови лица.