Арифи: Македонија ќе бара скрининг од ЕУ од јануари
Ние се ангажираме за добивање датум за преговори, истовремено со решавање на проблемот со името, односно од јануари ЕУ да го отвори скрининг процесот за Република Македонија, изјави денеска во Скопје вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи.
- Мислиме дека е многу битно тој процес да започне затоа што тоа би било една голема поддршка и поттик на домашните реформи така како што бара ЕУ под точките како што ги бара Унијата. Сметаме дека отворањето на скрининг процесот тоа би го помогнало, подвлече Арифи на маргините од регионалната конференција „Членството во ЕУ-уставни предизвици на земјите кандидати во ЈИЕ“.
Според неа, Македонија би требало да се обврзе со временски рок за решавање на името доколку влезе во таков процес.
- Не можам да кажам за кое време, но мислам дека би требало да се лимитираме со временски рок, посочи Арифи и при тоа додаде, како што вели, оти може да се каже дека е тоа период од една година, бидејќи вообичаено се смета оти толку трае процесот на скрининг.
Запрашана на кој начин ќе се издејствува согласност за датумот од Грција спроти почетокот на Советот на ЕУ, таа посочи оти тоа ќе биде сторено со повикување на добра волја и преку партнерство со ЕУ.
- Секогаш има аргументи. Мислам дека деблокирањето на процесите на евроатлантските интеграции, една земја од соседството да биде членка на ЕУ и на НАТО е најголемиот аргумент што јас имам намера да го кажам, вели вицепремиерката аргументирајќи го ваквото барање.
Во врска со законот за медиуми, Арифи истакна дека има концепт за тој закон и за него ќе се разговара во рамки на ТАИЕКС експертизата, во јавната дебата и во рамките на дијалогот што се води со новинарите.
- Ние го информиравме ЗНМ дека се работи за концепт. Како ќе се одвива натамошната работа, тоа ќе зависи од партнерството меѓу Владата, новинарите и медиумите, рече вицепремиерката за евроинтеграции Арифи.