Корисниците на социјална помош ќе можат да ја обновуваат документацијата до 13 декември
Министерството за труд и социјална политика го пролонгираше до 13 декември рокот за обновување на документацијата на корисниците на социјална парична помош, кој исттекуваше денеска.
Одлуката за пролонгирање на рокот, како што вели министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, е донесена поради големите гужви што се создавале пред центрите за социјална помош и неможноста да бидат примени сите апликации.
- И овојпат нашиот менталитет да се прави се во последен момент создаде големи гужви пред центрите за социјална работа. Ние не сакаме никого да ставиме во непријатна ситуација со тоа што ќе ги затвориме. Затоа дадов интерна наредба рокот да се пролонгира до 13 декември. Издадов и инструкција да се работи и оваа и наредната сабота. Со тоа обезбедуваме дополнителни девет работни дена за сите кои не стигнале да аплицираат да го направат тоа, изјави денеска министерот за труд и социјална политика, кој имаше воведно излагање на конференцијата на тема „Синдикатот во процесот на евроинтеграција на Република Македонија“ во организација на ССМ и Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Министерството за труд и социјална политика побара обнова на целосната документација за корисниците на социјална помош, поради сомневања дека има лица кои ја добиваат, а не ги исполнуваат условите за тоа. Оттаму сметаат дека средствата кои неосновано ги добиваат овие лица би можеле да бидат искористени за зголемување на висината на помошта на лицата на кои навистина им е потребна.
За обнова на документацијата Министерството, меѓу другото, бараше и потврда од Агенцијата за катастар дека лицето нема имот на свое име. За добивање на документот корисниците требаше да платат 450 денари, но Министерството одлучи да ги преземе трошоците со цел сите корисници да можат да го добијат потребниот документ. Барањето на оваа потврда од Министерството за труд го правдаат со фактот што во проверка по случаен избор било откриено оти има корисници на социјална помош кои имале имоти на свое име.
Документацијата потребна за остварување на правото на социјална помош сега корисниците можат да ја добијат од надлежните органи бесплатно.
Согласно Законот за социјална заштита за обновување на документацијата за остварување право на социјална помош потребни се лист за пријавување, потврда од Фондот за ПИОМ дека лицето не прима пензија по кој било основ, извод од матична книга на родени, фотокопија од лична карта, документ дека не поседува моторно возило, уверение за остварени приходи од УЈП, потврда од Агенција за вработување дека е невработен и потврда за редовен ученик или студент.