За 20 дена 120 предлози на граѓани за проектот „Пријавете сообраќајна контрола“
Изречени се 115 наплати за глоба од поднесени 120 предлози од граѓани кои идентификувале проблеми во сообраќајот, истакна денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по состанок во сообраќајната полиција со цел информирање за текот на проектот „Пријавете сообраќајна контрола“.
- Ова покажува дека граѓаните пристапиле на многу сериозен начин, односно добро ги идентификувале проблемите и со брза комуникација со Министерството за внатрешни работи соодветно реагиравме и повратно ги информиравме, рече Јанкулоска и апелираше граѓаните продолжат со таквата комуникација со МВР.
Што се однесува до статистиката министерката Јанкулоска информираше дека бројот на прекршоци во сообраќајот е зголемен за четири проценти. Во првите шест месеци од оваа година биле регистрирани 73.152 прекршоци или околу 400 прекршоци во текот на еден ден на територијата во Република Македонија.
- Во овој период има 1.716 сообраќајни незгоди со потешки последици во кои има 71 загинато лице што бележи мал пад за разлика од истиот период лани кога загинале 87 лица, а на територијата на Град Скопје досега има 20 жртви каде се бележи зголемување за тројца во однос на истиот период од лани. До сега на подрачјето на Скопје, од почетокот на годината направени се 97.924 сообраќајни контроли, посочи Јанкулоска.
Што се однесува до видот на прекршоци министерката информираше дека во делот на исклучени возачи во сообраќајот, исклучени се 218 возачи почетници и 1.644 исклучени возачи кои биле под дејство на алкохол.
- Овие состојби ни говорат дека сообраќајните контроли мора да продолжат со ист и зголемен интезитет бидејќи превентивното дејствување ги дава своите резултати. Мораме да упатиме и порака до учесниците во сообраќајот дека секој од нас носи сопствена одговорност и може да биде причина за губење човечки живот или за сообраќајна несреќа со потешки последици, нагласи Јанкулоска.
Граѓаните преку интернет страницата на МВР ќе можат да испратат информација или забелешка за одредени неправилности кои се случуваат на одредени улици каде тие биле сведоци. Потребно е да ја наведат локацијата и временскиот период во кој најчесто ги забележуваат овие појави без оглед дали станува збор за брзо возење, трки, непрописно паркирање или непочитувања на сообраќајната сигнализација.
Нивната забелешка веднаш ќе биде проследена до секторот за сообраќај од каде во најкус можен рок треба да биде изготвен и план за вршење контрола во однос на информацијата која граѓаните ја доставиле.
По завршувањето на контролата обрвска на полицијата е повратно да ги известат граѓаните за преземените мерки, констатираната состојба и изречените санкции.